Истражителите од поранешното СЈО, Примислав Димовски и Панчо Зафирче, вршеле притисок врз Петар Милошоски да го смени исказот даден пред обвинител во случајот „Тортура“. Ова денеска во продолжение на својата одбрана го изјави обвинетиот Милошоски, кој посочи дека истражителот на СЈО, Панчо Зафирчо, ја злоупотребил неговата блискост со него од порано.

-Притисоците се движеа околу уцената на моето работно место. И ден денеска ми ги менуват работните места. Овие одлуки ги донесе Примислав Димовски, кој беше и истражител во СЈО. Разни притисоци, дека ќе ми се земат овластувањата, дека ќе треба да се јавам на шалтер секој ден со тие што ги гониме (криминалци), изјави обвинетиот Милошоски.

Средбата со истражителот Зафирчо, тој рече дека се оддржала по барања на истражителот.

-Се сретнавме и ми кажа дека обвинителот во овој момент бара да кажеш дека лицето Лубе Бошковски не давало отпор. Ми ја кажа и пресудата која ќе ја добијам доколку не го сменам исказот. „Жалам за тебе, не си ти битен, се знае кој е битен”, ми рече. Се знае кој е битниот, прво обвинетиот Сашо Мијалков, изјави обвинетиот Милошоски.

На прашања на судот зошто притисоците и заканите не ги пријавил, тој рече дека немал доверба во институциите.

Следното рочиште за случајот „Тортура” е закажено за 12 март.

Случајот „Тортура“ го води судијката Александра Ристеска, додека обвинението го застапува јавниот обвинител Љубомир Лапе.

Прв обвинет во овој случај е поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков, кој во обвинението поднесено од поранешното СЈО е осомничен за кривично дело „Мачење и друго сурово, нечовечко или понижувачко постапување и казнување“ од член 142 став 1 в.в. со член 23 од КЗ. За истото кривично дело се осомничени и шест поранешни припадници на единицата „Алфа“. (МИА)