logo
logo
logo

ИМА ЛИ МАКЕДОНИЈА КАПАЦИТЕТ ЗА ОТВОРЕН БАЛКАН? Ни еднообразното плаќање патарина не можеме да го решиме

Vecer | 17.06.2023

ИМА ЛИ МАКЕДОНИЈА КАПАЦИТЕТ ЗА ОТВОРЕН БАЛКАН? Ни еднообразното плаќање патарина не можеме да го решиме

Потпишан Меморандумот за заедничка електронска наплата на патарина во Република Северна Македонија и Република Србија. Со Меморандумот се овозможува граѓаните на двете држави да можат да плаќаат патарина преку електронскиот систем користејќи иста електронска картичка или електронски таг во двете земји. Но, работите не одат понатаму од потпишаниот меморандум во март.

Ова создава услови за зајакнување на соработката во областа на патниот сообраќај, развој и модернизација на транспортниот систем, подобрување на меѓусебната поврзаност, како и дополнително укинување на административните бариери заради слободно движење на патниците.

Дали од 1 јули граѓаните и превозниците ќе можат со еден „таг“ да ги платат патарините во земјите од Отворен Балкан – Македонија, Албанија и Србија?

Прашањето можат да го одговорат само од јавното претпријатие за Државни патишта на земјава, кое до завчера требаше да ги заврши техничките тестови и да се приклучи на заедничката платформа која за почеток ќе функционира меѓу земјава и Србија, а потоа треба да се приклучи и Албанија и другите заинтересирани земји од иницијативата. Но, од Државни патишта молчат.

Проектот, кој е најавен пред две години, доцни како последица на неподготвеноста на македонското претпријатие да се приклучи на заедничката платформа. Според она што се дознава од српската страна со која земјава прво треба да го воспостави системот со еден „таг“ да се плаќаат патарините во двете земји, од наша страна процесот е одлаган неколку пати.

– „Путеви Србије“ својот дел од работата го заврши кон крајот на минатата година. Платформата е подготвена, но земјите кои би сакале да ѝ се придружат треба да ги завршат своите верзии. Во случајот со Северна Македонија, работата, се чини, не оди сосема мазно. Најави за отворањето стасаа и пред почетокот на јуни. Се споменуваше средината на овој месец. Системот ќе почне да функционира во моментот кога Северна Македонија технички ќе биде подготвена да се поврзе на единствениот веб-сервис за електронска наплата – посочуваат од српското претпријатие „Путеви“ за тамошните медиуми.

Плусинфо праша во ЈП Државни патишта но не доби одговор до каде е реализацијата на проектот и кои се причините поради кои македонската страна не е подготвена да се приклучи во проектот.

Досега се знае дека службите на патните компании во трите земји членки на Отворен Балкан веќе ги завршија анализите за техничките карактеристики на трите системи за патарини, направија анализа на исплатливост на проектот и се подготвуваа софтверски да се усогласат. Последно што требаше да се направи е тестирање на уредот „таг“ преку платниот систем и да почне примената.

– До сите заинтересирани земји во регионот, ЈП „Путеви Србије“ ги достави условите под кои можат да пристапат до уникатната веб платформа за електронска наплата. Доколку заинтересираната страна ги прифати нашите услови, ќе им овозможи на сите корисници да поминат низ повеќе земји кои учествуваат во заедничкиот проект за поврзување на електронската наплата во регионот со истиот ТАГ уред. Веб-услугата за електронската наплата наскоро ќе биде достапна за сите категории возила на правни лица, а гореспоменатата услуга ќе се прошири преку постојната дистрибутивна продажна мрежа за електронска наплата – велат за српските медиуми од тамошното јавно претпријатие.

Според планот, до завчера македонското јавно претпријатие за државни патишта требало да ги провери техничките карактеристики и од 1 јули да почне примената.

Целта на овој проект е возачите да не застануваат на наплатните пунктови, да не губат време при подготвување или менување пари. Уредот „таг“ што го користат во нивната база треба да биде функционален и кај соседната држава. Или накратко со македонскиот „таг“ возачите да можат да плаќаат патарина на патарините во Србија и обратно. Секој возач ќе треба само да се пријави со потребните податоци на заедничката платформа (портал). Цената на патарините останува иста во државите.

На почеток планирано е овој вид поволност да се користи меѓу земјава и Србија, а потоа да се приклучат Албанија, Црна Гора и Босна и Херцеговина кои пројавија интерес да се вклучат во иницијативата Отворен Балкан.

Интерес за вклучување во системот има и од Хрватска и од Словенија, каде што е на сила наплатата на патарините преку вињети.

Превозниците од земјава велат дека ова ќе биде големо олеснување за нив бидејќи нема да трошат време за регулирање на патарините.

– Секако ова ќе биде големо олеснување кое прво ќе го имаме со Република Србија, а потоа и со Албанија, Црна Гора и Босна и Херцеговина. Тоа значи дека со македонскиот „таг“ ќе можеме да плаќаме патарина во овие земји. Колку што имаме информација до вчера требаше да биде завршено тестирањето на техниката во земјава, по што превозниците и сите граѓани кои возат и плаќаат патарина со „таг“ ќе можат да се приклучат на порталот со своите податоци за да можат да ја користат поволност. Очекуваме информација од ЈП Државни патишта за да можеме да ја завршиме постапката – велат од Асоцијацијата на здруженија на работодавачите на превозните „Макамтранс“.

Според анализата направена при идејата да се овозможи оваа поволност за возачите од Отворен Балкан, годишно 300 000 камиони ги минуваат границите на трите земји членки на иницијативата. Дополнително голем број граѓани ги користат „таговите“ за полесно плаќање на патарините. Летниот период кога масовно се користи коридорот 10 за одмор во Грција бројот на возила кои поминуваат на границите неколкукратно се зголемува.

Се очекува овој систем да го зголеми бруто домашниот производ за 1%, а доколку се воспостави на целиот Западен Балкан би пораснал дури за 3,5%.

„Таг“ е електронски уред за плаќање патарина и е начин на бесконтактно електронско плаќање, при што возилата поминуваат без застанување на редовната лента каде што службеното лице ја наплатува патарината или на посебно означена лента. Моментално во земјава „таг“ се користи на 7 наплатни станици на Коридорот 10: Романовце, Петровец, Сопот, Отовица и Градско, Демир Капија и Гевгелија.

Во земјава цената на еден уред за електронска наплата на патарина (таг) изнесува 1 200 денари и минималниот износ за дополнување при купување е 300 денари. Износот за секое наредно надополнување не може да биде помал од 300 денари.

Со секое наредно надополнување на уредите за електронска наплата на патарина (таг) корисниците добиваат попуст на надополнетиот износ на патарина кој се пресметува при секое поминување на наплатна станица, и тоа:-2% за надополнета сума од 301 денар до 10 000 денари, 3% за надополнета сума од 10 001 денар до 50 000 денари, 5% за надополнета сума од 50 001 денар до 300 000 денари, 7% за надополнета сума над 300 001 денар.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2024 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2024. Vecer.mk