logo
logo
logo

И Никола Спасов, од провладината агенција Рејтинг, сега ЌЕ ПРОИЗВЕДУВА СТРУЈА

Vecer | 14.07.2023

И Никола Спасов, од провладината агенција Рејтинг, сега ЌЕ ПРОИЗВЕДУВА СТРУЈА

Никола Спасов, син на поранешниот министер на СДСМ Ѓорѓи Спасов, сопственикот на агенцијата „Рејтинг“ за мерење на јавното мислење и организирање промотивни активности, стана сопственик на нова компанија за производство на електрична енергија „Гама Солар“.

На 7 јули е одобрена регистрацијата на компанијата која ќе треба да ја гради својата фотоцентрала, а покрај Спасов, основач на „Гама Солар“ е и микро-претпријатието Солар ЕТ кое во 2018 направило обид да произведува соларни панели.

По три дена Регулаторната комисија за енергетика, на 10 јули, со одлука му одобрила привремена лиценца за изградба на прва фотоцентрала во околината на Кавадарци под име „Гама Солар1“ со моќност од 2,18 мегавати, што е релативно висок производствен капацитет.

Спасов во телефонскиот разговор ни потврди дека одлучил да вложува во овој бизнис и изјави дека неговата намера да инвестира во овој сектор не е ништо посебна во однос на другите јавни личности кои донеле одлука да вложат во производство на електрична енергија од обновливи извори.

Инаку агенцијата „Рејтинг“ на Спасов често е ангажирана за осмислување и реализација на активности и промотивни дејности, за консултантски услуги за оцена на успешноста на реализацијата на програмските активности со редовно, или по потреба, спроведување на анкети за институциите под власт на ДУИ и СДСМ.

„Рејтинг“ на Спасов изминатиот период организираше завршни конференции и настани за промовирање на државата, но го истражуваше и јавното мислење за активностите на разни централни и локални институции. Пред избори, но и во меѓувреме, редовно го мери рејтингот на политичарите и партиите.

Спасов и Агенцијата Рејтинг чесно ќе се оддолжат на СДСМ и ДУИ за добиената лиценца.

Една од омилените владини агенции Рејтинг во минативе 2 и пол години од Владата и општините предводени од СДСМ добила речиси еден милион евра.

Жетвата на Никола Спасов и неговата агенција започнува на први јули 2020-та, кога од Град Скопје предводен од Петре Шилегов, добиле нешто повеќе од 16.000 евра. Таа година добиле и нешто повеќе од 4 и пол илјади евра од Општина Карпош кога таму шеф беше Стефан Богоев од СДСМ.

Далеку поплодна за Рејтинг била 2021-ва. Тогаш уште во јануари од Општина Охрид, предводена од Константин Георгиевски добиле 15.000 евра. Во април таа година добиле и речиси 60.000 од Министерството за здравство тогаш предводено од Венко Филипче. Август бил најбогатиот месец за Спасов, тогаш од Владата добил тендер вреден 300 илјади евра.

Најплодна била годинава зад нас, која за оваа агенција на финансиски план за државни пари, започна во август, кога од Владата доби повеќе од 420.000 евра, за промоција на македонското вино во Белград. Во декември ги добија и последните два тендери, речиси 50 илјади евра од Министерството за финансии и последниот 100.000 од Министерството за надворешни работи.

За случајот со МНР реагираше и ЗНМ, од каде велат дека ваквиот потег е спротивен со забранта за владино рекламирање во приватните медиуми.

-Алармираме дека праксата за плаќање на владини кампањи во медиумите со пари на граѓаните, освен што е незаконска и во спротивност со претходни владини одлуки, истата може да ги поттикне и останатите јавни институции да ја применуваат, со што дополнително би се нарушил кревкиот медиумски пазар, велат од ЗНМ.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2024 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2024. Vecer.mk