logo
logo
logo

Градот Скопје во 2023 година НАЈМНОГУ ќе троши на комуналните дејности, за заштита на животната средина ќе издвои дури 1,36% од буџетот

Vecer | 27.12.2022

Градот Скопје во 2023 година НАЈМНОГУ ќе троши на комуналните дејности, за заштита на животната средина ќе издвои дури 1,36% од буџетот

На седница на Советот на Град Скопје денеска, на само четири дена пред истекот на годината, ќе се најде предлог-буџетот за 2023 година.

Според направените процени и анализи, во буџетот за идната година се предлагаат вкупни приходи и други приливи во износ од 7 милијарди денари, вклучувајќи го и делот од вишокот на приходи остварен во минатите години, во износ од 248.500.000 денари. Планираните јавни расходи се исто така во износ од 7 милијарди денари, односно толку ќе се потроши за обезбедување на потребните добра и услуги за граѓаните.

На денешната седница се очекува долга дискусија за обемниот материјал, доставен пред советниците пред една недела, во кој, според нивните забелешки, не било прецизирано точно за кои проекти колку пари ќе се трошат од градската каса.

Најголем дел од расходите се планирани за комунални дејности, дури 38,25 отсто, односно 2.713.750.000 денари, наменети за одржување на постојната и набавка на нова урбана опрема, одржување и изградба на системите за јавно осветлување, одржување јавна чистота, организирање локален превоз на патници, одржување автобуски постројки и слични комунални активности. Од нив најмногу пари ќе одат за јавниот градски превоз, за ЈСП 745.000.000 денари, 729.300.000 за изградба и реконструкција на патишта и мостови и 377.500.000 за одржување на локални патишта, улици и мостови и регулирање режим за сообраќај.

За заштитата на животната средина од буџетот се планирани само 1,36 отсто од парите, односно 96.300.000 денари.

На седницата се очекува да бидат поднесени и амандмани од советниците, но јавно се објавени само 14-те доставени од советниците на „Зелен хуман град“, кои, како што велат оттаму, се составени преку активистичките групи, кои се членки на ЗХГ, како и граѓанските проекти испратени преку платформата #МојГрад. Амандманите се однесуваат на осум категории и тоа на енергетска независност, намалување на аерозагадувањето и зголемена инспекциска контрола, помош за најзагрозените категории на граѓани, повеќе зеленило и негов мониторинг, справување со отпадот, намалување на депониите, професионално и партиципативно планирање на ГУП, унапредување на велосипедизмот и хуман третман на животни.

Со еден од амандманите се предлага одвојување средства од 7 милиони денари за изработка на проекти за поставување фотонапонски електроцентрали од 40 kw на сите објекти под надлежност на Град Скопје што би претставувало почетна фаза од зелено инвестирање во обновлива енергија. Од ЗХГ проценуваат дека инвестицијата би се вратила за 5 години и потсетуваат дека за периодот од 1 јануари до 30 септември се издвоиле околу 244 милиони денари за покривање на трошоци за електрична енергија.

Инвестирање во капацитети за искористување на соларната енергија значи намалување на емисиите на стакленички гасови. Со инсталација на фотоволтаични системи од 1 kw во даден објект ќе се заштедат повеќе од 1,5 тони СО2, а доколку се земе предвид експлоатацискиот период на системот се предвидува заштеда од над 30 тони на СО2 – се вели во образложението на амандманот.

„Зелен хуман град“ со амандман бара да се обезбедат и 10 милиони денари за набавка на биокомпостари – автоматизирани и дигитализирани машини за претворање на биоотпадот во органско ѓубриво – компост, посочувајќи дека најмалку 60 отсто од отпадот во урбаните средини е биоотпад.

Кога со овој отпад правилно се управува и компостира тој не само што нема да загадува и да креира трошоци, туку ќе креира вредност – високонутритивно ѓубриво (компост), кое може да се употребува во земјоделието и хортикултурата, а и како репроматеријал за урбаните градини со кои ќе се бориме против гладот – стои во амандманот, со кој се предлага Град Скопје да постави градски компостари во сите општини, во секое средно училиште, како и една централна на ниво на градот.

Во дел од останатите амандмани поднесени од ЗХГ се предлага во буџетот за наредната година да се обезбедат еден милион денари за вработување двајца инспектори за животна средина, кои би биле достапни 24 часа и за време на викенди и државни празници, потоа 2 милиони денари за доработка на Зелениот катастар на Град Скопје, 600 000 денари за изработка на Анализа за трансформација на Зоолошката градина во Центар за рехабилитација и конзервација на диви автохтони видови животни, 20 милиони денари за отворање градска народна кујна, како и 4,5 милиони денари за бројачи на велосипеди.

Во однос на подготовката на Генералниот урбанистички план за периодот од 2022 до 2023 година се со амандмани се предлага да се издвојат 2 милиони денари во буџетот за изработка на Стратегиска оценка за влијанието врз животната средина, како и 4 милиони денари за изработка на Сообраќајна студија, затоа што, како што се вели во образложението на амандманот досега не бил изработен ваков посебен документ за Скопје и поради тоа Градот не располага со прецизни податоци како може да го планира сообраќајот за да биде одржлив.

„Зелен хуман град“ доставил и амандмани за подобра хуман третман на животните во ЈП „Лајка“, едниот со кој се предвидува 15 милиони денари за спроведување на програмата за третман на бездомни животни и амандман за зголемување на субвенциите за тешкотии во работењето на претпријатието, па наместо 10 милиони денари, се предлага да се доделат 15 милиони денари идната година, за „Лајка“ да има доволно финансии да ги исплати сите долгови што ги има и конечно да може да се посвети само на програмата со третман на најмалку 2.500 до 3.000 кучиња годишно.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

TailoredCV
logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2024 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2024. Vecer.mk