Локалната самоуправа во Дојран не е консултирана, ниту, пак, надлежна за одржаната техно журка во просториите на црквата „Свети Илија“ каде од страна на полицијата при претрес е пронајдена дрога кај присутни гости, изјави денеска за МИА дојранскиот градоначалник Анго Ангов.

Во тие простории на црквата „Свети Илија“, која е во состав на струмичката епархија, а под надлежност и заштита на музејот во Дојран, досега, во рамки на „Д Фест“ се одржувале настапи на познати музички имиња и групи како Влатко Стефановски и Љубојна и се одржувале свечени општински настани, но таква злоупотреба на просторот досега се нема случено поради што настанот се смета за непријатно изненадување од страна на локалната самоуправа и надлежната епархија.

– Реконструираната црква „Свети Илија“ во Дојран се уште не е ниту осветена и затоа за немилиот настан и класичната злоупотреба на просторот при одржаната техно журка, и ние како и останатите засегнати страни, очекуваме изјаснување од страна на фестивалскиот организатор Пасворд Продукција, рече Ангов.

Апсење на Д фестивал во Дојран

Полицијата за време на одржувањето на музичка манифестација во Стар Дојран синоќа, од 20:30 часот до изутринава 2:30 часот, извршила контрола и лишиле од слобода девет лица бидејќи кај нив биле пронајдени повеќе видови дрога.

Како што информира МВР, лишени од слобода се К.А.(18) и А.М.(19), двајцата од Скопје, М.Ц.(26) и Д.П.(27), двајцата од Куманово, Г.П.(22) од Прилеп, Н.М.(22) од Охрид, Т.С.(21) од Валандово, Д.А.(19) од село Николиќ, општина Дојран и И.К.(20) од село Иловица, Струмичко, бидејќи кај нив биле пронајдени повеќе видови дрога.

Лицата биле приведени во полициска станица и по целосно документирање на случаите против нив ќе бидат поднесени соодветни поднесоци, соопшти МВР.

Во акцијата биле вклучени полициски службеници од Секторот за внатрешни работи Струмица, во координација со полициски службеници од Секторот за недозволена трговија со дрога, оружје и опасни материи при МВР и Единица за недозволена трговија со дрога, оружје и опасни материи при СВР Скопје.

Во периодот од 19:30 до 23:20 часот на 02.07.2022, пак, полициски службеници од Секторот за внатрешни работи Струмица во координација со полициски службеници од Секторот за недозволена трговија со дрога, оружје и опасни материи при МВР и Единицата за недозволена трговија со дрога, оружје и опасни материи при СВР Скопје извршиле контрола и ги лишиле од слобода М.М.(22) и Б.Ш.(23), двајцата од Кавадарци, С.Б.(18), К.Г.(19), А.С.(24) и А.С.(18), сите од Скопје, Д.А.(22) од Штип и Е.Ј.(40) од Радовиш. . При преглед кај лицата била пронајдена и одземена марихуана.