Скандалот кој се обелодени откако средношколци се вратиле дома од извиднички камп организиран во близината на Скопје, а насловен како „Есенски бакнежи и прегратки, секс скаутс и рок енд рол“, не стивнува.
Потресното сведоштво од родител беше пренесено од СЛОБОДЕН ПЕЧАТ, а истото можете да го слушнете ТУКА.
Откако на виделина излезе дека Првиот скопски извиднички одред е поддржан финансиски од Град Скопје и ХЕРА уште во 2019-та година, се огласија од Град Скопје од каде велат дека се оградуваат од активностите на извидничкиот одред кои предизвикаа реакции во јавноста.
Оттаму велат дека иако до нив стигнала проектна документација, спорната активност не била наведена, ниту имало назнаки дека истата ќе се одржи.
- Сакаме да информираме дека во проектната документација доставена до нас, ја нема наведено спорната активност ниту имаат доставено каква било информација која би укажала на одржување на истата. Дополнително, учесниците на настанот учествувале во приватна режија и не биле организирани од училиштата. Имајќи предвид дека настанот кој се случил предизвика лавина негативни реакции во јавноста и не шокираше и нас како институција, Град Скопје го прекинува договорот со Првиот скопски извиднички одред, известуваат од Град Скопје.
Оттаму потенцираат дека ја споделуваат загриженоста и осудите од страна на стручните лица и општата јавност и се согласуваат дека сексуалното образование не може да се спроведува од ентузијасти, туку исклучиво од професионалци во областа.
Организаторите повикани на разговор во Обвинителството
Министерството за внатрешни работи пред два дена добило пријава од родител во врска со извидничкиот камп во близина на Скопје, на кој според, тврдењата на родителот, малолетни деца биле вклучени во непримерни активности.
Од МВР за МИА потврдуваат дека извршиле разговор со родителот и оти за случајот е известен Јавен обвинител. МВР, како што, нагласија оттаму постапуваат по насоки дадени од обвинителството за расчистување на случајот.
Лицата, кои се инволвирани активностите на извидничкиот камп, по насока на обвинителството се повикани на разговор во полиција, потврдија за МИА извори од истрагата.
Од обвинителство во одговор на прашање на МИА, пак велат: „Дежурен јавен обвинител е известен за настанот за кој покажувате интерес и издаде насоки до Министерството за внатрешни работи за дејствија кои треба да се преземат со цел утврдување на фактичката состојба“.
За случајот реагираше Хера, Асоцијацијата за здравствена едукација, која апелира за итно постапување на институциите по допрен глас и за целосно расветлување и разрешување на случајот поврзан со извидничкиот настан „Секс скаутс енд рокенрол“.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата