Со извици „Никогаш северна, само Македонија“, и пеење „Бисер балкански“, започна мирниот протест пред Владата со кој се бара ослободување на осудените за упадот во Собранието на 27 април.
Организтор на протестот се македонски заедници и организации од дијаспората, а повод како што велат се настаните во Собранието на Македонија на 27 април.
Протестот започна во 18.30 пред зградата на Владата каде беше прочитана Декларација со барања, а потоа продолжи со марш преку центарот до Собранието.
Организаторите повикуваат на протестот да им се придружат сите граѓани, но и политички партии и здруженија. Според организаторите на протестот, обвиненијата за тероризам на затворените за 27 април се политички монтирани. Тие бараат Врховен суд да го поништи судењето и да има ново, оти имало лажни сведоци.
Учесниците на протестот пеат патриотски песни и скандираат „Никогаш северна, само Македонија“, како и „Слобода за браќата“.
Револтиран е народот! На народот му е преку глава!... порача лидерот на ВМРО-ДПМНЕ на денешниот протест за правда на уставобранителите.
Народот е на ивица на трпение и ако продолжи вака отсутно да се однесува Зоран Заев и владата на СДСМ јас се плашам дека работите ќе се радикализираат уште повеќе, изјави лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христија Мицкоски од протестот на кој се бара правда за уставобранителите.
– Пораката која сакам да ја испратам од овој протест е да не си играат со трпението на народот затоа што тоа трпение има свој крај, порача Мицкоски.
На прашањето дека претседателот Стево Пендаровски изјави дека луѓето кој се во затвор не се виновни, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ изјави дека претседателот на државата таа изјава ја менуваше во неколку наврати.
– Првично ја даде таа изјава, дека не се виновни за тоа што се судени. Тоа е и нашето барање. А тоа е да се врати процесот од почеток и да се суди за тоа што навистина погрешиле пред законот, а не за тоа што го нарачал Зоран Заев за денеска Кацарска да стане претседател на Уставниот суд, изјави Мицкоски.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата