logo
logo
logo

Гаши пресече: СИТЕ ЗАКОНИ СО БАДЕНТЕР ЌЕ ОДАТ НА ГЛАСАЊЕ, ПРАШАЊЕТО Е ПОВЕЌЕ ПОЛИТИЧКО ОТКОЛКУ ПРОЦЕДУРАЛНО

Vecer | 31.08.2026

Гаши пресече: СИТЕ ЗАКОНИ СО БАДЕНТЕР ЌЕ ОДАТ НА ГЛАСАЊЕ, ПРАШАЊЕТО Е ПОВЕЌЕ ПОЛИТИЧКО ОТКОЛКУ ПРОЦЕДУРАЛНО

Новата собраниска сесија започнува со најмалку четири седници до крајот на септември, но и со стар предизвик – обезбедувањето на потребното мнозинство за законите за кои е потребен Бадентер. Претседателот на Собранието, Африм Гаши, најави дека сите овие закони ќе бидат ставени на гласање, иако неизвесно е дали ќе го добијат потребното мнозинство поради процедуралната блокада од опозициската ДУИ. Меѓу законите за кои е потребен Бадентер се и оние за правична застапеност, високото образование и локалната самоуправа, а првите две собраниски седници се закажани за 2 и 11 септември.

– Ова прашање има повеќе политичка димензија отколку процедурална. Во својство на претседател на Собранието се обидувам да ги преземам сите мерки. Јас сум во контакт со сите пратенички групи. Се обидуваме да дојдеме до решение. Ако прашањето навлегува во политичката сфера, тогаш се разговара на друго политичко ниво. Се согласувам дека ова прашање треба да се реши, но им оставам на политичките актери да го решат – рече на брифингот со новинарите претседателот на Собранието.

На прашањето дали лидерска средба би помогнала, Гаши рече дека не може да оцени дали би помогнала или не, но дека секогаш е за дискусија и разговор.

– Не можете да најдете решение ако не седнете да разговарате – рече претседателот на Собранието, додавајќи дека дијалогот треба повеќе да се применува како дел од политичката култура во државата, особено со опозицијата.

На денешната координативна средба присуствувал заменик-координаторот на пратеничката група на ДУИ, но немало никаква најава дека повторно ќе има блокада од страна на нивните пратеници.

– Тоа не е блокада, туку злоупотреба на Деловникот, но ќе видиме како ќе реагираат – рече Гаши.

Во однос на тоа дали, доколку блокадата продолжи, ќе има предвремени парламентарни избори, тој рече дека такви избори ќе има кога 61 пратеник ќе одлучат за распуштање на Собранието. Сепак, нагласи дека е поборник на идејата за редовни парламентарни избори и дека нема да дозволи злоупотреба на Деловникот да предизвика предвремени избори.

– Не треба една злоупотреба на Деловникот да предизвика предвремени избори, но тоа е политичка одлука и за неа може да се решава и на друго ниво – рече претседателот на Парламентот.

Гаши најави дека наскоро во Собранието треба да пристигне законско решение поврзано со барањето правосудниот испит да се полага и на албански јазик.

Во однос на уставните измени, рече дека нема информации за нов моментум, но дека Собранието е секогаш подготвено навремено да ги донесе потребните закони поврзани со Реформската агенда, како и да постапи доколку се донесе одлука за уставни измени.

Во следните месеци пристапот до околината на Собранието ќе биде отежнат поради градежните работи поврзани со изградбата на паркингот за пратениците и вработените.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

Најчитани во последни 7 дена

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk