logo
logo
logo

Филипче ќе се вакцинира во некоја од следните тури, втората пратка од Србија најавена за идната недела

Vecer | 17.02.2021

Филипче ќе се вакцинира во некоја од следните тури, втората пратка од Србија најавена за идната недела


Министерот за здравство, Венко Филипче најави дека останатата количина на 4.000 дози од Србија треба да пристигне следната недела. Информацијата следи по вчерашниот разговор на министерот со претставници на компанијата Фајзер.

Присуствувајќи на почетокот на процесот на вакцинација во земјава,  Филипче истакна дека сите пријавени 4.000 здравствени работници за првиот бран на вакцинација кои работат со Ковид пациенти ќе бидат вакцинирани.

Министерот образложи дека ќе се вакцинира во некоја од следните тури на вакцини со цел да им покаже на граѓаните дека тоа е тоа што треба да го направат.

„Не сакам да земам место од овие сега првични дози, кои што се навистина броени, на колегите кои што директно работат со пациентите, сигурно ке се вакцинирам некоја во следните тури на вакцините кои ке дојдат со цел да покажам на граѓаните дека тоа е тоа што тие треба да го направат“, изјави Филипче.

Додаде дека е многу важно граѓаните да се свесни дека вакцините се безбедни, безразлика од кој производител доаѓаат, дека се развиени на безбедни платформи и ова е единствениот начин ние ја смениме сликата на пандемијата, не само ние туку сите земји во светот.

„Системот добро функционира. Започнува со земање анамнестички податоци, краток преглед, административната работа, внесување на податоците за веќе закажаниот термин и закажување на следниот термин за ре-вакцинацијата после три недели и тоа интензивно се спремаше во овие изминати денови. Тука е поставена целата инфраструктура, дел од вакцините се чуваат и во овие фрижидери во модуларната болница. Може да седат до 5 дена на температура од 2 до 8 степени, после што се раствораат и во рок од 5 часа мора да се аплицираат на тие што ја примаат. Ова е еден систем којшто исто така беше дел од тренингот. Посакувам успешна имунизација, направивме организација – еднаш кога ќе започне имунизацијата да не запре. Ги очекуваме и следните количини според најавите и верувам дека во следните месеци ќе имаме навистина успешен процес на вакцинација“, информираше Филипче.

Претходно денеска, со вакцините на Фајзер, први се вакцинираа двајца здравствени работници од Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби.

Станува збор за главната сестра Габриела Темелковска и примариус д-р Добринка Наунова Јовановска – специјалист за неуроинфекции од инфективната клиника. Со денешното нивно вакцинирање практично започна имунизацијата против коронавирусот во земјава.

Филипче потенцираше дека главната сестра Темелковска и Наунова Јовановска се дел од персоналот на Инфекивната клиника кои во изминатата година деноноќно работеа и се бореа за спасување на секој еден човечки живот.

„Докторката Добринка и главната сестра Габриела се првите коишто ја примија вакцината на Фајзер. Денеска продолжува вакцинацијата на сите вработени на инфективната клиника, а следат и вработените во сите КОВИД центри, најпрво во Скопје: ГОБ 8 Септември, Институтот за белодробни заболувања кај децата Козле, интерните клиники – сите коишто работеле и сѐ уште работат со ковид пациенти. Понатаму, за време на викендот и болниците ширум државата, како и приватните болници“, истакна Филипче.

За денешниот ден, предвидено е вакцинирање на 260 здравствени работници.


makfax.com.mk

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2024 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2024. Vecer.mk