Луѓето кои се пред пензионирање, размислуваат како ќе ги организираат своите животни трошоци откако ќе почнат да примаат пензија, со оглед на тоа дека повеќето пензионери во земјава земаат ниски пензии. Некои пак едвај чекаат да се пензионираат и да здивнат по долги години работа. Анкетиравме луѓе кои се пред пензија, но и оние кои веќе се пензионери, за да ни објаснат со какви емоции го чекаат или веќе го дочекале процесот на пензионирање.
„Мене ме расположува фактот дека ќе дочекам пензија. Благодарна сум што ќе влезам во пензија, независно колкав ќе биде износот“, рече Светлана Трајковска, жена која допрва треба да се пензионира.
Друга жена вели дека уште 4 години ќе чека за да се пензионира, но сака да биде активна во трето доба, објавува порталот Фактор.
„Размислувам дека пензијата ќе ми биде минимална, затоа што веќе 8 години сум невработена. Без финансии или со малку финансии е многу потешко, посебно ако некој од семејството има здравствени проблеми“, додава кумановка.
И меѓу оние кои веќе се корисници на пензија, мислењата се поделени, секој со својата животна приказна.
„Јас веќе земам инвалидска пензија и таа не е доволна за живот. Многу пари трошам за лекови, и многу ми фали да работам нешто, да сум активна, но не можам поради нарушеното здравје“, рече Сузана Љ. пензионерка.
Друга наша соговорничка објаснува дека после долги години со статус на стечаен работник, била среќна откако се пензионирала. Денот кога станала пензионерка влеал надеж дека нејзината финансиска состојба полека ќе се стабилизира.
„Јас бев стечајка и бев среќна дека конечно ќе земам некој денар. Скоро 20 години траеја нашите голготи. Прво земав надомест како технолошки вишок, а потоа добив пензија. Сега времето ми е исполнето, ги чувам внучето“, рече Анкица П. пензионерка.
Според истражувањата кои се правени во странство, пензионирањето е голема животна транзиција што може да го подобри или влоши менталното здравје. Анализите укажуваат дека со пензионирањето може да се појави осаменост, безнадежност и депресивни симптоми.
„Некои луѓе полесно ја поминуваат транзицијата од работа во пензија, а на некои им паѓа потешко. Ако се навикнале на иста шема, одење на работа, мешање со луѓе, враќање дома, сега одеднаш им фали социјализацијата.
Важно е колкава е пензијата, но фокусирани се на тоа што се поосамени. Социјалниот момент им е важен. Ако имаат внуци, времето го поминуваат со нив или одат во пензионерски клубови. Има и тип на луѓе кои едвај чекаат да се стабилизираат после работа, долго време работеле, потребен им е одмор, сакаат да одморат, да уживаат во пензионерските денови, да се посветат на некое хоби за кое претходно немале време“, вели психологот Наталија Наумовска.
Инаку, пензионерите во многу земји се соочуваат со финансиски тешкотии.
Хрватските медиуми скоро пишуваа дека многу луѓе откако ќе влезат во пензија се на ниво на социјални случаи, затоа што ако примале плата од 1.450 евра, добиваат пензија која е за скоро 900 евра пониска. Хрватските пензионери се меѓу оние во Европа чии пензии покриваат најмалку реални трошоци за живот, според анализата на DataPulse, глобална платформа за аналитички податоци.
Само во четири земји, Романија, Чешка, Полска и Шпанија, пензионерите можат да бидат задоволни бидејќи успеваат да ги покријат поголемиот дел од своите трошоци без дополнителни приходи. Сепак, оваа споредба води до заклучок дека романските пензионери, гледано преку односот помеѓу пензијата и трошоците за живот, се релативно најбогати во Европа. Нивната пензија ги надминува трошоците за 21 процент.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата