Непрописното фрлање ѓубре претставува прекршок на Законот за јавна чистота. За истиот се предвидени парични казни кои достигнуваат од 40 евра до 1.800 евра за масовни штети (во зависност од видот на отпадот и времето на фрлање).
Во текот на мај и јуни, инспекциските служби на Општина Карпош спроведоа засилени контроли за непрописно одлагање кабаст отпад во контејнерите на ЈП „Комунална хигиена“, при што беа изречени околу 30 прекршочни казни.
Од Општината информираат дека акцијата била организирана согласно заклучоците од координативниот состанок меѓу Град Скопје и скопските општини, а контролите се спроведувале на повеќе критични локации низ Карпош.
Инспекторите биле распоредени кај „Македонска куќа“ во населбата Кузман Јосифовски Питу, кај последната автобуска станица на линијата 24 во Тафталиџе 2, кај Порта Влае, на улицата „Лондонска“ во Тафталиџе 1, како и во Жданец – Трнодол, кај урбаната заедница „Пецо Божиновски – Кочо“.
Според Општината, присуството на инспекциските служби на терен овозможило навремено реагирање, а во случаите кога било утврдено неправилно одлагање на отпад, биле изречени прекршочни мерки за физички и правни лица.
„Во текот на мај и јуни беа изречени околу 30 казни за граѓаните кои не се придржувале кон пропишаните правила. Самата постапка покажува позитивен ефект и придонесува за подобрување на состојбата со правилното одлагање на отпадот“, соопштија од Општина Карпош.
Од Општината појаснуваат дека инспекциските служби работеле во две смени – од 07:30 до 15:30 часот и од 16:00 до 24:00 часот, организирани во три екипи составени од по еден инспектор и двајца комунални редари.
Согласно Законот за јавна чистота, казната за непрописно одлагање кабаст отпад изнесува 40 евра. објави Скопје1.мк
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата