Владата и Министерството за транспорт продолжуваат да бараат решенија за проблемите со кои се соочуваат македонските превозници по воведувањето на системот „ЕЕС“ (Entry/Exit System) во Европската Унија, изјави денеска вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски.
Одговарајќи на новинарско прашање за најавите на дел од превозниците дека би можеле да организираат протести доколку до 1 септември не се најде решение, Николоски рече дека Владата има редовна комуникација со превозничките здруженија и дека се бараат конкретни решенија преку билатерална соработка со земјите од Шенген-зоната.
– Имаме редовни средби, ако не еднаш неделно, тогаш на две недели. Имаме одлична соработка. Ова прашање е едно од стотиците прашања што ги решаваме. Во однос на проблемот што настана со воведувањето на „Ентри/Егзит“ системот на Европската Унија, ние го правиме нашиот максимум и превозниците имаат целосна поддршка, истакна Николоски.
Тој посочи дека прашањето е во надлежност на Европската Унија и Шенген-зоната, но додаде дека државата презема чекори за надминување на последиците преку склучување билатерални договори со одделни земји.
Николоски информираше дека Македонија веќе има такви договори со Хрватска, Швајцарија и Романија, додека интензивно се работи на договори со Австрија, Унгарија и Германија.
– Очекувам во текот на октомври да започнеме разговори и со Словенија и на тој начин да бидат покриени земјите каде што нашите превозници најчесто работат или транзитираат – рече Николоски.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата