Паркингот покрај трговскиот центар „Рамстор мол“ на улицата „Свети Кирил и Методиј“ во Центар ќе биде затворен поради почеток на изградба на нов деловно-станбен објект.
Од „Рамстор Македонија“ информираа дека проектот предвидува изградба на нов објект, како и три подземни нивоа наменети за паркинг простор.
„Во согласност со планираните развојни активности на нашата компанија, започнуваме со реализација на проект за изградба на нов деловно-станбен објект на паркинг просторот на Рамстор Мол, кој ќе опфаќа и три подземни нивоа наменети за паркинг простор“, соопштија од компанијата.
Според информациите што за „Слободен печат“ ги дале од Општина Центар, на просторот е дозволена доградба до постојниот трговски центар, кој има деловна намена. Предвидена е изградба на објект со пет ката, приземје и поткровје.
Од „Рамстор мол“ уверуваат дека градежните активности нема да го попречат пристапот до трговскиот центар и дека сите продавници, маркети и услужни објекти ќе продолжат да работат со редовно работно време.
„Пристапот до трговскиот центар ќе биде целосно овозможен и организиран согласно сите безбедносни и оперативни стандарди. Посетителите ќе можат непречено да ги користат постојните влезови, кои ќе бидат означени со соодветна сигнализација и регулиран пристап во зоната околу градилиштето“, велат од трговскиот центар.
Оттаму додаваат дека супермаркетот „Рамстор“, трговскиот центар и сите останати содржини остануваат отворени и достапни за посетителите во текот на целиот период на изградба.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата