Генералниот секретар на Владата, Игор Јанушев, никогаш не аплицирал за никакво друго државјанство, а не пак за бугарско, и не остварил приход од фирмата во Бугарија, реагира ВМРО-ДПМНЕ по обвинувањата од портпаролката на СДСМ Богданка Кузевска.
„Од СДС да престанат со ширење лаги и да ја манипулираат јавноста и да се фатат за работа, во земјава е потребна конструктивна опозиција, а не опозиција која секојдневно измислува приказни. А ако веќе држат прес-конференции на темава, тогаш претседателот на СДС, Филипче, нека одговори неговите неколку компании регистрирани во Бугарија, во Петрич на улица Гоце Делчев број 12 , што точно работат и од каде е профитот. Математиката на СДС е да не работат ништо додека се во опозиција и само да ја дезинформираат јавноста, а преку додворување на странски власти да се обидат да дојдат некако на власт“, се наведува во реакцијата од ВМРО-ДПМНЕ.
Оттаму додаваат дека СДСМ две години е опозиција, ништо нема понудено, бега од работни групи, не гласа за ништо во Собрание, се кара со медиуми, спинува изјави на странски амбасадори во земјава, и се занимава со сѐ освен со тоа што им е работа.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата