Мирот започнува со дијалог. Развојот се гради преку соработка. Единството започнува со меѓусебно почитување. А иднината им припаѓа на оние кои имаат храброст да разговараат, да соработуваат и да градат заедно, порача денеска поранешниот претседател на Република Македонија Ѓорѓе Иванов на дводневната меѓународна конференција „Дијалог за единство и мир 2026“ што денеска и утре се одржува во Скопје.
На конференцијата учествуваат поранеши шефови на држави, министри, дипломати, универзитетски професори, истражувачи, претставници на меѓународни организации, бизнис-лидери и млади од повеќе земји од Европа и Азија, во фокусот на дискусиите се актуелните глобални предизвици и можностите за унапредување на меѓународната соработка, дијалогот и мирот.
Самото присуство на толку различни искуства, генерации и перспективи, според Иванов, е потврда дека дијалогот е можен, потребен и вреден.
-Се чувствува недоверба, замор, па и отпор кон западната визија за светот. Но токму во тој вакуум се појавуваат нови идеи, нови мислители и нови движења. И од Западот, и од незападниот свет, сè појасно се слушаат гласови кои бараат порамноправен, поетички и поинклузивен свет. Нашата цел не е само да организираме уште една конференција. Нашата цел е да создадеме простор во кој различни идеи, искуства и визии ќе можат да се сретнат во дух на почитување, разбирање и отворен разговор, рече Иванов.
Додаде дека ќе разговараат за мирот и безбедноста, за економскиот развој и поврзаноста, за цивилизациите и културната размена, за вештачката интелигенција и човечкиот потенцијал, како и за улогата на младите во свет кој брзо и длабоко се менува, бидејќи лалп што истакна, тоа не се прашања кои ги засегаат само владите и институциите туку иднината на сите нас.
-Живееме во време кога се менуваат самите темели на меѓународниот поредок. Се менува распределбата на економската и политичката моќ. Се појавуваат нови центри на развој и влијание. Технолошката револуција го менува секој аспект од нашето живеење. Светот влегува во нова епоха, но сè уште не е јасно каква ќе биде нејзината архитектура. Прашањето повеќе не е дали доаѓа нов свет. Прашањето е каков ќе биде тој свет. Зад многу од денешните конфликти се крие подлабока криза — кризата на довербата. Недоверба меѓу државите. Недоверба меѓу народите. Недоверба кон институциите. Недоверба кон самата идеја за заедничка иднина. Во време кога светот располага со повеќе средства за комуникација од кога било претходно, сè потешко се разбираме едни со други.Затоа, денес, дијалогот не е избор. Тој е неопходност. Мирот не е состојба што еднаш засекогаш се постигнува. Мирот е процес на постојано градење доверба. Не постои траен мир без разбирање. Не постои разбирање без разговор. И не постои вистински разговор без подготвеност да се слушне другиот. Кога престанува дијалогот, започнуваат поделбите. Кога започнува дијалогот, се отвора можност за заедничка иднина, истакна поранешниот македонски претседател.
Истакна дека оваа година е во знакот на повеќе значајни јубилеи, но потсети на два. Првиот кога во Филаделфија пред 250 години во 1776 била напишана Декларацијата за независност.
-Тој документ кажа нешто ново, храбро и длабоко човечко: дека сите луѓе се создадени еднакви; дека секој човек има природни права; дека тие права не се подарок од крал, влада или институција, туку му припаѓаат на човекот затоа што е човечко суштество. Тоа се правото на живот, правото на слобода и правото на потрага по среќа. Тоа беше раѓањето на модерната политичка слобода, рече Иванов.
Вториот, според Иванов, е од истата година кога во Единбург мислителот Адам Смит ја објавил книгата „Богатството на народите“, во која, како што истакна, понудил една нова визија: дека вистинското богатство не произлегува од привилегии, наследени титули или апсолутна моќ, туку од луѓето — од нивниот труд, нивните вештини, нивните идеи, нивната соработка и размена. Тоа, вели, било раѓањето на модерната економска слобода.
-Овие две идеи — политичката слобода и економската слобода — станаа основа на модерниот свет. Тие помогнаа да се стави крај на феудалните системи. Помогнаа да се создадат демократски држави и модерни економии. Им дадоа надеж на милиони луѓе за подобар, послободен и подостоинствен живот. Со децении, овие идеи донесоа напредок. Луѓето живееја подолго. Повеќе деца добија пристап до образование. Многу општества станаа поотворени, поправедни и послободни. Но денес, 250 години подоцна, мораме да поставиме искрено прашање: Колку се силни овие идеи денес?И уште подлабоко: што би ни рекле денес Татковците основачи и Адам Смит? 1776 година може да се разбере како една од нултите години на современиот Запад. Со спојот на политичките идеали на Татковците основачи на САД — Џеферсон, Адамс, Медисон и нивните современици — и економските принципи на Адам Смит, се роди моделот на либералниот поредок кој го дефинираше светот во последните два и пол века, рече поранешниот претседател.
Но, според него, денес се наоѓаме во период на голема ревизија, демократијата се соочува со поларизација, технолошка манипулација, алгоритамски затворени простори и длабока криза на довербата во институциите, економијата се соочува со растечка нееднаквост, доминација на технолошки гиганти, концентрација на моќ и еколошки кризи.
-Татковците основачи беа опседнати со концептот на проверки и рамнотежи — со идејата дека ниедна власт не смее да стане премногу силна и дека секоја моќ мора да биде ограничена со одговорност. Тие се плашеа од тиранијата на поединецот, но и од тиранијата на мнозинството. Денес, веројатно, би биле длабоко загрижени од концентрацијата на моќ — политичка, економска, технолошка и информациска. Џеферсон и Медисон би биле особено загрижени за состојбата на информациското општество. Тие веруваа дека граѓанинот мора да биде информиран за да биде слободен. Денешните ехо-комори, дезинформации и фрагментирани вистини би ги сметале за сериозна опасност за Републиката, затоа што ја уништуваат заедничката основа врз која може да се води демократски разговор, вели Иванов.
Според него, Смит, кој бил длабоко свесен за опасностите од монополите, корупцијата и здружувањето на приватната моќ со државната власт, денес, веројатно, би бил изненаден од степенот на финансијализација на економијата. Смит, вели Иванов, верувал во вредност создадена преку труд, производство, знаење и размена, а економија во која голем дел од вредноста се создава преку шпекулации, виртуелни средства и затворени пазари за него би била знак на длабока нерамнотежа.
Неговата дијагноза веројатно, како што рече Иванов, би била јасна: најголемата опасност не е слободниот пазар, туку неговото заробување. Не конкуренцијата, туку монополот. Не претприемништвото, туку корпоративниот феудализам. Не иновацијата, туку систем во кој моќните го обликуваат законодавството за да се заштитат од конкуренција.
-Можеби би ни рекол: „Јас зборував за слободна конкуренција, а не за корпоративна доминација. Невидливата рака функционира само кога постои морална рамка и кога никој нема моќ да ги задуши другите.“ Кога би ги седнале заедно на иста маса во 2026 година, нивната порака би била јасна: либералниот поредок е жив организам, а не статичен споменик. За Татковците основачи, денешната демократија бара нов општествен договор — договор што ќе ја врати одговорноста на граѓанинот, довербата во институциите и културата на јавен разум, рече поранешниот шеф на македонската држава.
Денес, нагласи Иванов, 250 години подоцна, можеби живееме во време кога се обидуваме да го зачуваме најдоброто од она што тие го создадоа, но со алатки, предизвици и ризици кои биле незамисливи во нивното време.
-Убеден сум дека оваа конференција ќе понуди нови идеи, нови перспективи и нови пријателства. Верувам дека ќе придонесе за нови партнерства, нови иницијативи и нови облици на соработка. И уште поважно, верувам дека ќе потврди дека и во време на големи разлики, луѓето сè уште можат да седнат на иста маса, да разговараат и заеднички да бараат решенија. Вредноста на оваа конференција нема да биде само во кажаното, туку и во создадените врски, новите партнерства и меѓусебното разбирање. Историјата нè учи дека цивилизациите не пропаѓаат тогаш кога ќе ја изгубат моќта. Тие пропаѓаат тогаш кога ќе ја изгубат способноста да слушаат, нагласи Иванов на отворањето на конференцијата.
Според него, ако сакаме свет со повеќе гласови, мора да научиме подобро да се слушаме едни со други, ако сакаме мир, мора да градиме доверба, ако сакаме просперитет, мора да градиме соработка, а ако сакаме подобра иднина, мора да ја создадеме заедно.
Конференцијата е во заедничка орхганизација на Кабинетот на претседателот на Република Македонија во периодот 2009–2019, Меѓународниот центар „Алијанса на цивилизациите“ — ICAC, и Асоцијацијата на алумнисти на Школата за млади лидери „Иванов“ — ISLAA.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата