Кога зборуваме за билатералниот аспект меѓу Софија и Скопје, она што секогаш го велам е дека заедничкиот интерес на двете земји е да се движиме напред по патот кон полноправно членство во Европската Унија, истакна шефот на македонската дипломатија Тимчо Муцунски, пред почетокот на самитот на Процесот за соработка во Југоисточна Европа (ПСЈИЕ) во Софија.
- И двете земји имаат многу да добијат од овој процес. Сакам да ве уверам дека имаме најпозитивни намери да соработуваме во областа на одбраната и безбедносната политика, да соработуваме во економијата, да соработуваме во образованието. Лично, како универзитетски професор, сум учествувал на безброј меѓународни конференции во Софија. Затоа верувам дека сите овие настани од последните години вештачки ги делат народите на двете земји. И она што е важно е да гледаме кон иднината, да не се фокусираме на прашања од минатото - прашања поврзани со идентитетот, историјата и јазикот, бидејќи имаме иднина што треба да нè обедини, рече Муцунски.
Тој истакна дека „силните идентитети не треба да се градат преку напади врз туѓите идентитети, дека имаме капацитет да ги ги негуваме нашите различности, да се почитуваме едни со други и да не се врзуваме за прашања од минатото поврзани со идентитетот, историјата и јазикот“.
Цврсто сум убеден дека силните идентитети немаат потреба да се градат преку напади на туѓите идентитети.Во Европа во 21 век треба да имаме капацитет да ги негуваме нашите различности и да не се врзуваме за прашања од минатото поврзани со идентитетот, историјата и јазикот.
- Нашата цел не е само да стигнеме до фаза на отворање на пристапните преговори, туку и успешно да ги затвориме. За да се постигне тоа, што е важно за нас? Да знаеме дека нема да има дополнителни барања за нашата земја поврзани со историјата, идентитетот и јазикот, како и други билатерални пршања кои би се појавиле по отпочнувањето на преговорите - прашања поврзани со историски комисии, тоа не се европски темелни прашања. Затоа велам, добро е да разговараме и да расчистиме што се очекувањата од двете страни бидејќи, сепак, има еден силен билтерален елемент во сето ова. Тука се најголемите недоразбирање, истакна Муцунски.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата