logo
logo
logo

Професорката Ана Костадиновска НЕ СЕ СОГЛАСУВА ДЕКА ЧЛЕНОВИТЕ НА ДНК ЈА ЗАПАЛИЛЕ ДИСКОТЕКАТА

Vecer | 25.02.2026

Професорката Ана Костадиновска НЕ СЕ СОГЛАСУВА ДЕКА ЧЛЕНОВИТЕ НА ДНК ЈА ЗАПАЛИЛЕ ДИСКОТЕКАТА

Придружниот вокал, професорката Ана Костадиновска, која го преживеа пожарот во дискотеката „Пулс“ рече дека не се согласува со констатацијата дека членовите на ДНК кои ја активирале пиротехниката ја запалиле дискотеката. Таа го рече ова одговарајќи на прашање од адвокатот на директорот на агенцијата за обезбедување „Рубикон“.

Костадиновска денеска одговараше на вкрстени прашања од одбраната.

На прашањето од адвокатот Јовица Страшевски зошто во исказот во Јавното обвинителство кажала дека не бара оштетно побарување, а сега бара, таа рече:

– Така изјавив во периодот кога не сфатив колку сум оштетена. Јас сум самохран родител и сѐ уште се лекувам.

Страшевски ја праша врз основа на што се премислила, а Ана одговори – врз основа на својот здрав разум.

Адвокатката на првообвинетиот Дејан Јованов Деко, Ивана Коцевска, ја праша Ана дали знае како се вклучуваат прскалките, на што таа одрече.

– Не знам кој ги местел и не знам кој ги вклучувал прскалките – рече таа.

Коцевска праша кога почнал пожарот, а Костадиновска рече дека не знае, на што адвокатката ѝ рече дека почнал околу 2.30, а за тоа време не можеле да испеат само 4-5 песни.

– Не бевме ни до половина на концертот кога почна пожарот – рече Ана.

Коцевска препраша и за заклучената врата кај сцената во „Пулс“.

– Не знам кој ја заклучил, не знаев дека постои таа врата сѐ до пожарот – рече Ана.

Коцевска побара да се прочита изјава од распитот на Костадиновска во Јавното обвинителство за време на истрагата, кога пејачката рекла дека „единствено сакам да истакнам зошто вратата беше заклучена и зошто полицијата кога влезе, а видела дека има малолетници, не го сопре настанот и активирањето на прскалките“.

– Дали ова значи дека полицијата ја заклучила таа врата? – праша Коцевска.

Јавното обвинителство приговараше на ова, а судот го прифати приговорот.

Коцевска ја имаше предложено Костадиновска и за сведок на одбраната, но го повлече барањето и не ѝ упати директни прашања.

Ана ја спасило момче од обезбедувањето

И адвокатот на второобвинетиот Митко Стојанов, директор на МММ Кафе, ја потсети Костадиновска на исказот даден во Јавното обвинителство.

– Рековте дека не се сеќавате кој ве спасил, а потоа рековте дека сте дознале дека дечкото е од Виница. Дали имате заборавено дека во Јавното обвинителство сте рекле дека се сеќавате дека било младо момче со црна маичка со нешто црвено?

Костадиновска одговори дека не заборавила.

– Рековте дека не сте виделе лица од обезбедување, а не сте можеле да знаете дека обезбедувањето носи црни маички со црвени ознаки?

Ана одговори дека не знае каква облека носело обезбедувањето.

Адвокатот на директорот на агенцијата за обезбедување „Рубикон“ праша дали во Јавното обвинителство Костадиновска дала поинаков исказ, дека во клуб во Гевгелија имало проблем со пиротехниката, ама не избувнал пожар.

– Прашањето беше дали сум видела проблем со пиротехниката, јас реков дека не сум видела. За проблемот во Гевгелија отпосле дознав, не сум го видела – рече таа.

Адвокатот Страшевски ѝ посочи на Ана дека го опишала настанот, дека рекла дека имало проблем, а во исказот кажала дека била свртена со грб и не го видела проблемот со прскалките.

Адвокатот на Лазар Захариев од обезбедувањето ја праша Ана за местењето на опремата.

– Кога ја правете тонската проба, дали тогаш ја местевте опремата?

Сведокот одговори дека тогаш ја местеле опремата за музиката.

На прашање кога пристигнал Панчо, таа одговори дека не знае точно, веројатно околу полноќ и додаде дека со Панчо пристигнал Мартин Атанасовски.

– Ако Атанасовски пристигнал подоцна, а тој ја внел пиротехниката и ја поставил, дали тоа значи дека пиротехниката е поставена два часа по тонската проба – праша адвокатот, на што доби приговор, а судијата не го дозволи прашањето.

Пејачката рече дека кога ја правеле тонската проба не забележале пиротехника на бината.

Адвокатката на Мартин Ѓорѓиев од обезбедувањето, потсети дека во исказ во Јавното обвинителство Костадиновска кажала дека Денис Даутовски заминал во Германија, и дека нејзина претпоставка била дека тој ги поставувал прскалките. Даутовски потоа бил сменет од Мартин Атанасовски. Пејачката потврди дека така изјавила.

Дали бендот ДНК имал дозвола од МВР за пиротехника?

Адвокатот Еленко Миланов ја праша Костадиновска дали и претходно настапувала со ДНК во „Пулс“, што сведокот го потврди. Ја праша дали и на тој настап се користела пиротехника, таа рече дека не се сеќава. Миланов прочита дел од нејзиниот исказ во ЈО. На прашање дали и порано настапувале во „Пулс“, таа одговорила – да, пред неполна година. Повтори и дека ДНК редовно користеле пиротехника во последните години.

Адвокатката Софија Лаличиќ побара да се разграничи дали ДНК во Пулс имале концерт или свирка, а сведокот рече дека не знае.

Шехтански ја праша Костадиновска дали знае дали ДНК имала дозвола од МВР за употреба на пиротехника, таа рече дека не знае.

На прашање каква боја биле прскалките, таа рече дека не може да даде опис на тоа. Шехтански ја праша какво пукање слушнала кога настанал пожарот и дали тоа било експлозија, Ана рече дека не знае точно и не може точно да опише.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk