ПАЃААТ ДОГОВОРИТЕ НА ДЕЛО - Собранието подготвува системска трансформација во редовен работен однос!

Vecer | 27.10.2026

ПАЃААТ ДОГОВОРИТЕ НА ДЕЛО - Собранието подготвува системска трансформација во редовен работен однос!

Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „Твоја Македонија“ донесоа радикално законско решение кое треба конечно да ја прекине децениската голгота на илјадници луѓе кои со години работат без соодветни права во државните институции! Пратеникот Бојан Стојаноски денеска официјално го претстави Предлог-законот за трансформација во редовен работен однос, со кој се воспоставуваат јасни и строги правила за претворање на сите привремени договорни ангажмани во редовни вработувања на неопределено време.

Стојаноски алармираше дека во јавниот сектор со години се создавала нехумана пракса каде луѓето извршувале редовни и одговорни работни задачи, но формално останувале заглавени со привремени договори – без платени одмори, социјално и пензиско осигурување или каква било правна сигурност за своите семејства. Ова не е само обично административно прашање, туку прашање за заштита на основното човечко достоинство, дециден беше тој.

Новиот закон предвидува комплетна трансформација на договорите на определено време, договорите на дело, авторските договори, како и ангажманите преку агенции за привремени вработувања. Со овој процес ќе бидат опфатени сите органи на државната власт, јавните установи од областа на здравството, културата, детската и социјалната заштита, локалната самоуправа, јавните претпријатија, заводите и фондовите. Со ова се испраќа јасна и недвосмислена порака дека договорите на дело повеќе никогаш не смеат да бидат трајна замена за редовните вработувања.

Сепак, законот има и прецизно дефинирани исклучоци од безбедносни и специфични причини. Од овој процес се изземени акционерските друштва, воениот и цивилниот персонал во Армијата, основните и средните училишта, студентските домови и високообразовните установи, како и клучните безбедносни структури – МВР, АНБ, Агенцијата за разузнавање, Бирото за јавна безбедност, Управата за финансиска полиција и Управата за финансиско разузнавање. Процесот ќе се спроведува со строга финансиска контрола и утврдени рокови за да се заштитат сите работници за време на постапката.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

Најчитани во последни 7 дена

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004- 2026. Vecer.mk