Проектот за изградба на канализација во Зајас - Другово ќе се заврши со пари од државниот буџет, бидејќи претходната власт поради неодговорно работење го изгубила грантот од ИПА-фондовите наменет за оваа цел, изјави премиерот Христијан Мицкоски за време на неговата посета на Кичево.
Мицкоски најави дека и покрај изгубените европски средства, новата Влада ќе го реализира проектот, но и дека ќе се бара кривична одговорност за сите инволвирани кои ја предизвикале оваа штета.
„Ние како Влада го одглавивме целиот процес и продолжуваме со реализација на овој проект и тој ќе биде реализиран. За да ви кажам кога, ќе мора најпрвин да имаме некоја точка нула, па потоа можам да ви кажам точно кога. Но она што можам да го кажам е дека сигурно ќе има одговорност од оние што го довеле во оваа состојба тој проект. Го изгубивме грантот и сега треба пари од буџетот, наместо да финансираме други проекти, ќе мора за она што веќе имало грант. Ете така работат овие што денеска критикуваат. Замислете, Зајас има улично осветление, нема канализација. Затоа што ја украле“, потенцира премиерот Мицкоски.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата