Македонија има планови за проекти но, имаат и другите поголеми економии со кои Мицкоски бара соработка и “купува“ нивно искуство и идеи и бара заеднички интереси за соработка.
Клучен проблем и фокус е обезбедување енергија за проектите и квалификувана работна сила со што се соочува цела Европа која е и наш најголем трговски партнер и инвеститор. Отааму и произлегуваат заклучоците на македонскиот премиер.
Мораме да ги рестартираме заборавените енергетски проекти како „Чебрен“ и „Галиште“ оти потребата од струја на светско ниво ќе расте. Ова го порача премиерот Христијан Мицкоски од светскиoт економски форум кој што се одржува во Давос, Швајцарија.
Мицкоски во видеообраќање истакна дека имал многу успешни и инспиративни средби со голем број мултинационални компании, на кои било разговарано за теми од областа на енергетиката, здравството и високата технологија. Тој стави посебен акцент на панелот за енергетика, каде тој бил активен учесник и говорник заедно со секретарот за енергетика на Соединетите Американски Држави, Крис Рајт.
„Во годините што следуваат потребата од енергија во светот ќе расте, но два и пол пати побргу ќе расте потребата од електрична енергија. И тука ние како Македонија, како држава, не смееме да бидеме нем набљудувач, туку треба да бидеме активен чинител и активен учесник и тука повторно треба да ги рестартираме сите оние можеби заборавени енергетски проекти во минатото како што се ‘Чебрен’ и ‘Галиште’, ‘Бошков Мост’ и останатите, и да го понудиме потенцијалот за инвестиции во обновливи извори на енергија на голем број од инвеститорите коишто покажаа несомнен интерес“, порача Христијан Мицкоски.
Според Мицкоски во следните десет години на светско ниво треба да бидат изградени капацитети што ќе произведуваат вкупно 40 000 терават-часови електрична енергија. Вели, тоа е пет и пол илјади пати повеќе електрична енергија од она што сега го троши Македонија и приближно онолку колку што САД, Канада, земјите членки на Европската Унија и Јапонија сега трошат заедно.
„Развојот на човештвото ќе опфаќа развој на вештачката интелигенција, а со тоа и центрите за податоци или таканаречените дата-центри кои што работат не на енергија, туку на електрична енергија. Тоа се трите факти кои што се многу важни и ние како држава треба тој чекор да го следиме и во таа насока да ја развиваме нашата економија“, вели Христијан Мицкоски.
Мицкоски порача дека мора го диверзифицираме нашето портфолио и од економија која што се темелеше на развој на автомобилската индустрија, да станеме значаен чинител во енергетиката.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата