Македонија е подготвена да продолжи по европскиот пат, но очекуваме јасни гаранции дека процесот ќе се одвива без нови блокади и со поголема предвидливост, изјави министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски, одговарајќи на новинарски прашања по средбата со литванскиот колега, Кестутис Будрис, кој престојува во официјална посета на земјата.
На прашањето како го коментира тоа што министерот Будрис изјави дека сега е моментот за проширување и треба да се искористи, Муцунски оцени дека постои широка поддршка од земјите-членки за напредокот на Македонија, но дека се неопходни јасни уверувања за непречено одвивање на евроинтегративниот процес.
- Какви уверувања може да добие нашата држава, или гаранции, дека нема да се соочиме со перманентни блокади од една земја членка. Затоа што тоа што е очигледно и по однос на таканаречениот консензус од 2022 година, има различни толкувања што доаѓаат и од 26-те земји членки, европските институции и една земја членка. Пак ќе повторам, не дека ние како држава имаме отпор, свесни сме, и ние во сите наши изјави, ако мислите не само од мене, туку и од претседателката на државата, од претседателот на Владата, велиме дека ќе учествуваме во овој процес. Посебно по самитот во Тиват се чувствува енергија за придвижување веќе. Нема никаква дилема кај нас. Но ние нема да дозволиме да се реализира тој ризик, ние да ги направиме тие потези, повторно да имаме ваков тип на разговори, ваков тип на прес-конференции, каде што ќе бидеме во ситуација една земја членка да не биде коректна - рече тој.
Муцунски посочи дека дијалогот со Бугарија треба да продолжи со поддршка од земјите‑членки и европските институции, со цел да се дојде до решение кое ќе обезбеди предвидлив и сигурен европски пат за земјата, заснован на мерит‑критериуми, а не на билатерални прашања.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата