По силното невреме што денеска го зафати Скопје со бурни налети на ветер, екипите на градските јавни претпријатија веднаш излегоа на терен за отстранување на последиците, информира градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски.
Тој посочи дека иако природните непогоди не можат да се спречат, институциите реагирале брзо, организирано и навремено со цел да се нормализира состојбата во градот, објави 4news.mk
„Екипите на градските јавни претпријатија веднаш излегоа на терен – булеварите се проодни, а паднатите дрвја и гранки интензивно се расчистуваат“, напиша Ѓорѓиевски.
Градоначалникот информираше дека службите ќе останат активни во текот на целата ноќ и ќе интервенираат таму каде што ќе има потреба.
„Ќе бидеме будни и на терен во текот на целата ноќ. Скопје нема да остане само ниту во најтешките моменти“, порача Ѓорѓиевски.
Силното невреме предизвика бројни штети низ главниот град, меѓу кои паднати дрвја, оштетени кровни конструкции, оштетени возила и блокирани улици.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата