Министерката за образование Весна Јаневска денеска потврди дека годинава свидетелствата за прво, второ и трето одделение ќе бидат електронски, но, со оглед дека прв пат се издаваат во ваква форма, паралелно ќе се доделат, како што изјави, и печатени.
Според Јаневска, идната година ќе има електронски свидетелства и за четврто, петто и шесто одделение, а во 2028-ма процесот ќе биде заокриужен вклучително и со деветто одделение.
-Од оваа година воведуваме електронски свидетелства од прво до трето одделение. Со оглед дека е прва година ќе има и печатени свидетелства, зашто очекуваме наставниците да се прилагодат на новите електронски свидетелства, што ќе биде огромно олеснување за нив. Наместо да пишуваат на рака свидетелства, тие ќе можат на компјутер да ги пополнат свидетелствата — ем побрзо, ем поефикасно, ем без грешки, зашто податоците се влечат од е-дневник. И оваа година одиме паралелно, од догодина ги додаваме новите три одделенија — четврто, петто и шесто и од догодина ќе одиме само со електронски свидетелства, за третата година да го завршиме и деветто. Со нив заштедуваме на хартија, намалуваме загадување, ја олеснуваме работата на наставниците и, дополнително, системот за упис во средно ќе ги влече податоците од самите училишта. Тоа е релативно голем напредок за работата, односно за дигитализација на процедурите во училиштата и погодност и за наставниците, и за родителите, и за учениците, рече Јаневска.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата