Претседателот на Владата, Христијан Мицкоски во интервју на МРТ по повод две години од мандатот на владата, истакна дека зад провокациите кои се случија изминатиот период стои организирана бугарска кампања во нашата држава, кои имаат за цел промоција неприфатливи работи, преку еден или двајца политички ликови.
„Ниски страсти и организирана кампања која овој период е забележлива. Ние сме зафатени со реконструкцијата и го користат слободниот простор, еден, двајца политички ликови во државава да се обидат да промовираат нешто кое никој не може да го прифати. Ова е еден поширок обид за влијание тука.
Премиерот Мицкоски воедно посочи дека бугарските политичари не се откажуваат од Протоколите 1 и 2, каде се охрабрува работата на историската комисија до влезот на Македонија во Европската Унија, а воедно потсети на говорот на сегашниот бугарски премиер од 2019 година во Санкт Петербург каде тој си ги присвојува Кирил и Методиј и кажува дека вечно ќе ја слават Санстефанска Бугарија.
„Во политиката мора стратешки да ги гледате работите пред да ставите потпис. Кога ќе го ставите потписот претходно мора да имате пред-текст на што ставате потпис и да антиципирате можни предизвици. Кога ќе ни каже некој да го смениме Уставот, добро, но што потоа, затоа што оваа трка немаме намера да ја почнеме, имаме намера да ја завршиме. Нашата цел како влада е со мудрост, тактика, стратегија да се обидеме да го исправиме тоа кое е погрешно направено“, дециден е премиерот Мицкоски.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата