Европските парламентарци попладнево со 508 гласа „за“ и 56 „против“ го усвоија Извештајот за напредокот на Северна Македонија на известувачот на Европскиот парламент, бугарскиот европратеник Илхан Ќучук, усвојувајќи притоа и некои од контроверзните амандмани, јави дописничката на МИА од Брисел.
Извештајот го поздравува реформскиот напредок на земјата и инсистира на имплементација на Договорот за добрососедство со Бугарија.
Европратениците ги одобрија спорните амандмани 75б, 79 и 80, за кои предупреди Институтот за европска политика (ЕПИ) дека претставуваат поткопување на основните стандарди вредности на ЕУ.
Амандманот 75б се однесува на историското помирување и „заедничка историја“, со што според ЕПИ, Европскиот парламент го одобрува притисокот што го врши Бугарија за да се толкува историјата на нивен начин.
Амандманот 79, кој исто така е усвоен, се оценува како притисок врз заедничката Комисија за , историски и образовни прашања, која треба да работи независно и без никакви политички притисоци.
Конечно амандманот 80, се коси со проценката на Европската Комисија, бидејќи гласи оти нема напредок во имплементацијата на Договорот за пријателство меѓу земјава и Бугарија од 2017, што не е став на Европската комисија во нејзиниот последен извештај во 2021, предупреди ЕПИ.
Освен тоа неколку европратеници од бугарската националистичката ВМРО – Бугарско национално движење во текот на расправата пред гласањето ја нареко Северна Македонија „геноцидна кон Бугарите“.
Европратеникот Андреј Слабаков дури оцени дека без бараните бугарски промени, членството на Северна Македонија е рамно на „тумор за ЕУ“.© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата