logo
logo
logo

Етнички, насилни демонстрации со напади врз полицијата, се слушна и пукање...

Vecer | 26.02.2021

Етнички, насилни демонстрации со напади врз полицијата, се слушна и пукање...

Официјално, повод за демонстрациите беше пресудата за убијците на децата и рибарот кај Смилковско езеро, познато како случај Монструм, но демонстрациите покажаа дека се етнички мотивирани со пораки за насилство и непочитување на државата и државните институции кога се етничките мотиви во прашање.

Протестите започнаа од Чаир и требаше да продолжат кон судот и владата, но полицијата ги сопре демонстрантите кај Мавровка поради проценка дека се можни провокации и тие останаа на локацијата кај Бит Пазар. Иако организаторите на протестот со редари и со молење се обидуваа да ги смират демонстрантите, дел од нив во неколку наврати ја нападнаа полицијата.

Само 15 минути по првиот напад врз полицискиот кордон, во кој беше повреден и помлад полициски службеник, дел од толпата на протестот започна нов обид за пробивање на полицискиот ѕид. Повторно дел од помладите учесници ја нападнаа полицијата, се фрлаа предмети и камења, се удираше со нозе, но беше возвратено со палки и нападот беше одбиен.

Организаторите на протестот повикуваат на смиреност, но ситуацијата на моменти екслира.

Во моментот се слушнаа и истрели, за што објавија и порталите кои имаа репортери на настанот, а полицијата ги тера демонстрантите да се повлечат кон Чаир.

На почетокот на протестот на браниците на полицијата беа закачени плакати со судијката Кацарска, обвинителите Фетаи, Русковска и Јовески за кои велат се корумпирани.

На друг транспарент, пак, беа наредени македонските политичари, меѓу кои и Бранко Црвенковски.

Демонстрантите вееја албански и американски знамиња, и како и на претходните протести – знаме на „Голема Албанија“.

Организаторите се криеа зад одговорноста, по испорачаните барања го прогласија протестот за Монструм за завршен, но дел демонстрантите одбиваа да се повлечат и фрлаа со камења, шишиња и различни предмети кон полицискиот кордон. Засега се знае дека повредени се тројца полициски службеници, а нападната беше и новинарската екипа на МИА.

Полицијата ги растури насилните групи и ги натера да се повлечат кон Бит-пазар. Дел од нив продолжија со инцидентите, па дури и искршија излог гаѓајќи го со стаклени шишња и камења.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2024 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2024. Vecer.mk