Есента 2021 година ќе биде запаметана по енормниот скок на цените на електричната енергија, и според сите предвидувања, високи цените и понатаму ќе се задржат. Електрани на Северна Македонија (ЕСМ) пак, испорачуваа струја по веќе договорена цена со што домаќинставата не беа изложени на есенскиот шок. Корекција се направи од 1 јануари 2022 година, но не по реален износ, туку се утврди помал раст на цената, за да се заштити населението и малите фирми-потрошувачи.

Во вакви услови, како што покажуваат податоците на БизнисМрежа.мк, државната компанија ЕСМ ја заврши 2021 година со катастрофален минус од 28 милиони евра! Претходната 2020 година, минусот беше 16,7 милиони евра.

Во загуба се и фирмите-ќерки на ЕВН кои учествуваат и во формирање на цената на струјата. “ЕВН хоум“ ја има лиценцата „универзален снабдувач“ и „снабдувач во краен случај“, со што е здолжена за снабдување по регулирани цени на домаќинствата и на малите потрошувачи, како и на оние кои се на слободен пазар, а не избрале трговец, или му се случило раскинување на договорот. Компанијата направила приход од 356 милиони евра, но имала поголеми расходи, со што 2021 година ја завршила со загуба од 703.000 евра и е значително помалку од 2020 година кога загубата изнесувала речиси 12 милиони евра.

Големо влијание врз формирањето на цената на струјата за крајните корисници има „Електродистрибуција“ која , исто така, е фирма ќерка на ЕВН, а таа 2021 година ја завршила со загуба од 39,8 милиони евра!

За покривање на ликвидноста на своите фирми ќерки во загуба, ЕВН Македонија во моментов е задолжена 160 милиони евра кредит од Австрија и во македонските банки.

Високонапонската мрежа е во рацете на државната компанија „Македонски електропреносен систем оператор“ (МЕПСО), а податоците покажуваат дека минатата година успеала да оствари добивка од 950.000 евра, откако во 2020 година заглавила во минус од 5,8 милиони евра.

Во ваков енергетски амбиент и со голема помош од државата, крајниот епилог за финансиската состојба на енергетските компании во 2021 година е следниот:

Споредено со 2020 година, полоши резултати во 2021 година покажале ЕСМ (зголемена загуба за 67 проценти) и „ЕВН Македонија“ намалена добивка за 5,17 %, додека МЕПСО минусот од 5,8 милиони евра во 2020 година успеал да го трансформира во скромен плус од 950 илјади евра во 2021 година.