logo
logo
logo

Вечер.мк дознава

ЕКСКЛУЗИВНО: Во НАТО сме НМ, а не МК

Vecer | 20.04.2022

ЕКСКЛУЗИВНО: Во НАТО сме НМ, а не МК

На 12 април 2022 година, постојаната Делегација на НАТО во Брисел ги известува министерствата за одбрана и надворешни работи на Македонија, дека кратенката за Македонија која ќе се користи во НАТО ќе биде NM (North Macedonia).

Во дописот, нашата мисија во име на НАТО објаснува дека праксата на Алијансата е имињата на сојузниците и партнерите да се испишуваат целосно, а кога тоа не е практично (од некоја причина) се користат кратенки согласно меѓународниот персонал на НАТО од шифри со две букви, кои се засниваат од првите букви на името на земјата, стои во дописот, кој Вечер.мк екслузивно го објавува.

Но, зошто во НАТО не го усвоиле кодот МК, ако три букви им биле многу, како што стои во договорот од Преспа и како што е пракса за сите организации каде што Македонија е членка?

Нашите информации од дипломатски извори од МНР наведуваат дека зад ваквата одлука на Секретаријатот на Северо-атланскиот совет стои барањето на Грција до НАТО кодот за името наместо MKD или MK да ни биде NMK или RNM.

Дека ова е побарано, знаеле во МНР, одбрана и владата уште пред локалните избори минатата година.

Знаеле и тогашниот премиер Зоран Заев, тогашниот шеф на дипломатијата Никола Димитров, министерката Радмила Шеќеринска, а знаат и сегашните министри Бујар Османи и Славјанка Петровска, велат нашите извори.

Во НАТО веќе е донесена одлука кодот со 2 букви за нашата татковина да биде NM (Норт Мацедониа) и за тоа како држава сме известени официјално.

 

Ваквата одлука на НАТО е спротивна и на Договорот од Преспа.

Имено, согласно истиот, за Македонија Член 1, точка 3, под д), предвидува:

д) Кодот за земјата на регистарските таблички на возилата на Втората страна ќе биде НМ или НМК. За сите други намени, кодот на земјата останува да биде МК и МКД, како што е официјално определено од Меѓународната организација на стандардизација (ИСО).

Засега, нема никаков коментар од надлежните министерства и министри, а веројатно е и дека нема да го има.

 

Грција одбива да ја употреби кратенката “МКД”

Во јули 2020 година, Грција одби да ја потпише Програмата за воена соработка со Македонија за 2020 под кратенката за земјава „МКД“.

Според доверливите документи кои ги објавија грчките медиуми Генералштабот на грчката армија не сакаше да ја потпише Програмата со ознаката утврдена со Преспанскиот договор, туку инсистираше евентуално тоа да биде направено под полните имиња на двете држави со цел да се избегнат кратенките за зeмјите.

Она што паѓа во очи од факсимилите е дека грчката армија оваа година одбива да ја потпише Програмата под „МКД“, бидејќи македонската страна, 2019 година ја потпишала под „РНМ“.

Тогаш Телма побара став и од НАТО под која ознака се води земјава во НАТО и дали нејзина земја-членка може да бара земјава да користи кратенка која не е предвидена со Договорот од Преспа, на што од НАТО кратко одговорија дека „земјата станала членка на НАТО под името Република Северна Македонија, име кое е наведено во Пристапниот протокол потпишан во 2019 година“.

 

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2024 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2024. Vecer.mk