Договорот за управување со границите помеѓу ЕУ и Македонија останува блокиран од страна на Бугарија, причината била во тоа што Софија не го признава македонскиот јазик, потврдија од Европската Комисија за МИА. Договорот со агенција на ЕУ, позната и како Фронтекс, е заглавен три години, Бугарија одбива да го потпише поради јазичната клаузула.
„Договорот не е сe уште на сила бидејќи преговорите продолжуваат. Референците за македонскиот јазик се единствената пречка за потпишувањето на договорот со Фронтекс. Комисијата ги охрабрува Бугарија и Северна Македонија да изнајдат заеднички прифатливо решение.“ - изјавија од портпаролската служба на Европската Комисија за МИА.
И додека сред Брсиел, блокадата на Бугарија кон Македонија секој ден е се повидлива на повеќе нивоа, од македонска страна само пораки дека официјална Софија не се однесува пријателски.
Вицепремиерот задолжен за европски прашања, Никола Димитров во интервју за Би-Би-Си радио вели дека прашањето за мајчиниот јазик за етничките Македонци во Македонија е прашање за луѓето во земјата, а не на друга земја. Димитров, во интервјуто за Би-Би-Си радио посочува дека воспоставеното пријателство, Бугарија го отежнува.
„Искрено, тие тоа го прават многу тешко. Не е пријателски да го доведувате во прашање јазикот на вашиот сосед. Не е многу пријателски да се блокира нешто што е толку важно за луѓето во Северна Македонија – нашата европска иднина. Навистина е тешко на некој начин да продолжите да ги нарекувате пријатели.“ - изјави Димитров во интервјуто за Би-Би-Си радио.
По однос на спорот помеѓу Македонија и Бугарија, премиерот Зоран Заев пред Самитот ЕУ - Западен Балкан изјави дека разговорите со Бугарија се движат на добар пат. Но, потоа од самитот во Словенија, Заев изјави дека чекорите што Радев ги презема во име на Бугарија се навреда за македонските граѓани.
Радев, претходно побара Македонија да се откаже од македонизмот, потоа Македонските Бугари да бидат подеднакво рамноправни со останатите седум народи наведени во Уставот на Македонија.
На ваквите барања на Радев, дома следеа жестоки рекации дека за да може да се вметнат во Уставот потребно е да има реципроцитет со Бугарија кој ќе биде подложен на претходен договор. Фон дер Лајен на почетокот на самитот во Брдо-Крањ порача дека Западен Балкан припаѓа во Европска Унија. Останува отворено прашање, дали Македонија има надеж за деблокада на патот кон европското семејство.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата