ОБВИНИТЕЛСТВОТО ПОБАРА САМО МЕРКИ ЗА ПРЕТПАЗЛИВОСТ ЗА НАСИЛНИКОТ ОД ОХРИД, па такви изрече и судијата

Vecer | 16.11.2026

ОБВИНИТЕЛСТВОТО ПОБАРА САМО МЕРКИ ЗА ПРЕТПАЗЛИВОСТ ЗА НАСИЛНИКОТ ОД ОХРИД, па такви изрече и судијата
Додај го Вечер како твој извор на Google (се отвора во нов таб)

Обвинителството, за случајот каде против Кристијан Корабоски од Охрид е поднесена кривична пријава за „тешка телесна повреда“, побара само мерки на претпазливост, а не и притвор, па затоа и такви се изречени од страна на судијата на претходна постапка – да не се приближува на растојание помало од 50 метри до Сара Ѓорѓиевска, да му биде одземен пасошот со забрана за вадење нов и секој втор понеделник да се јавува во судот, изјави за „Слободен печат“ претседателот на Кривичен суд Охрид Бојан Мартиноски.

СВР Охрид поднесе кривична пријава против 31-годишниот Кристијан Корабоски од Охрид поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „тешка телесна повреда“ по член 131 став 3 од Кривичниот законик врз неговата девојка Сара Ѓоргиевска од Охрид, која беше исфрлена од возилото пред супермаркет.

За Кристијан нема притвор, туку мерки за претпазливост, изречени од страна на судот. Кривична пријава ќе добие и таткото на Сара зашто на семејството на осомничениот му испратил порака со заканувачка содржина.

- На 15.11.2026 околу 2 часот по полноќ, по претходна расправија која започнала во неговиот дом, а продолжила во неговиот автомобил, пријавениот во возилото физички ја нападнал неговата 26-годишна девојка од охридско. Откако го сопрел возилото, продолжил со нападот, при што девојката изгубила свест и паднала, по што била пренесена во Општата болница во Охрид, а потоа и во болницата „Св. Еразмо“ во Охрид, каде ѝ биле констатирани тешки телесни повреди. Преземени се мерки и набргу по настанот, во 5 часот и 5 минути часот К.К е лишен од слобода и задржан во полициска станица. Додека, по барање на ОЈО, Основен суд во Охрид донесе решение и му изрече мерки на претпазливост. Во врска со настанот, на 15.11.2026 во 08:50 часот во СВР Охрид, Љ.К.(51) од Охрид, мајка на К.К., пријави дека Љ.Ѓ.(49), татко на девојката, на мобилен телефон упатил закани на нејзиниот син К.К. и на целото семејство, по што истиот ден во 13:20 часот во Охрид и тој е лишен од слобода и задржан во полициска станица. Против него, исто така, ќе биде поднесен соодветен поднесок, велат од МВР.

Мајката на девојката која беше претепана од своето момче во Охрид и оставена пред маркет, се огласи јавно со потресно сведоштво за случувањата пред и по нападот, изразувајќи загриженост за безбедноста на ќерка си, која сè уште се наоѓа во болница.

Во објава на социјалните мрежи, таа тврди дека девојката живее во страв и во неизвесност, особено откако осомничениот синоќа бил пуштен на слобода.

Според нејзиното сведоштво, 31-годишниот насилник, додека нејзината ќерка била во бессознание, мислел дека е мртва и стапил во контакт со својот татко, барајќи помош како да се ослободи од нејзиното тело. Мајката тврди дека таткото му давал насоки како да го направи тоа.

Таа наведува и дека телефонот на девојката бил намерно искршен, со што ѝ била оневозможена можноста да повика помош. Во објавата пренесува и зборови што, според неа, ќерка ѝ ги слушнала додека била во беспомошна состојба: „Собери ги сите познаници, да го прикриеме нештово и да се ослободиме од оваа, дали да ја фрлам во некоја провалија?“

Мајката тврди дека луѓе од опкружувањето на осомничениот одбивале да ја однесат девојката во болница, иако таа барала помош, а во еден момент момчето наводно побарало нож и сакало да ја „докрајчи“.

Во објавата се споменува и тетката на осомничениот, за која мајката тврди дека контактирала со болницата во која е сместена девојката, со цел да влијае врз медицинскиот извештај и да се прикаже дека девојката има полесни повреди.

Мајката изразува сомнеж дека семејните и партиските врски на осомничениот може да влијаат врз постапката и бара одговорност за сите инволвирани.

„До кога ќе дозволуваме некој да мисли дека може да прави што сака, да избегнува одговорност и да се чувствува недопирлив само затоа што зад себе има партиски врски, моќни родители и познанства?“, прашува таа.

Директорот на болницата „Св. Еразмо“ во Охрид, Харалампие Шокаровски, за „Слободен печат“ претходно изјави дека кај девојката биле извршени повеќе дијагностички процедури, вклучително и компјутерска томографија на главата, а биле констатирани хематоми, модринки и нагмеченици. Таа треба да остане во болница на опсервација.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004- 2026. Vecer.mk