logo
logo
logo

ПОПЛАВЕНИ НИВИ И ДВОРОВИ ВО МУРТИНО

Vecer | 27.01.2026

ПОПЛАВЕНИ НИВИ И ДВОРОВИ ВО МУРТИНО

Обилните врнежи во Струмичко засега не предизвикуваат поголеми проблеми, единствено е забележано поплавување на дел од земјоделските површини и неколку дворови во селата Муртино и Сачево, информираа утрово од Регионалниот Центар за управување со кризи во Струмица.

Според информацијата оттаму, нивото на водите во реките се стабилизира, посебно на реката Тркања кој вчера преливаше пред влезот во Струмица, а екипи на ЈП „Плаваја“ од Радовиш работат на мостот на истоимената река меѓу селата Јаргулица и Покрајчево каде се регулира одвивањето на сообраќајот.

Во Валандово е излеана Калковска река преку регионалниот пат Валандово-Удово, но со интервенција на механизацијата се санира излевањето.

– Ангажирана е механизација на комуналните претпријатија за санирање на критичните места, а таму каде што е потребно се поставува и песок – информираа од Регионалниот ЦУК во Струмица.

Синоќа градоначалникот на Струмица, Петар Јанков, информираше преку својот профил на Фејсбук дека ги посетил критичните места во селото Муртино, а од вчера механизацијата на ЈПКД „Комуналец“ е на терен. Ангажирана е дополнителна механизација од приватниот сектор. Тој информираше дека вчера околу 17 часот состојбата е стабилизирана, а во текот на ноќта екипи останале на терен за следење на состојбата.

Според градоначалникот на Босилово, Ристо Манчев, во текот на вчерашниот ден и синоќа постоела опасност од излевање на реката Водочница кај Моноспитовскиот мост, но со брза реакција било спречено поплавување на селото Моноспитово.

Според утринските мерења на УХМР досега во Струмица наврнале околу 20 литри дожд на еден метар квадратен.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk