Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека очекува новиот јавен обвинител Ненад Савески да отвори клучни прашања поврзани со работењето на поранешното Специјално јавно обвинителство и други чувствителни случаи, нагласувајќи дека без целосно расчистување на минатото државата не може да оди напред.
„Очекувам од новиот јавен обвинител во јавноста да излезе со став за тоа како тогашниот затвореник Катица Јанева ги пренесе своите овластувања и ги оживеа предметите од поранешното специјално јавно обвинителство. На кој начин и како беше тоа направено? Македонската јавност заслужува да знае“, изјави Мицкоски.
Тој потенцираше дека граѓаните имаат право да знаат како се трошеле јавните средства.
„Македонската јавност, граѓаните, заслужуваат да знаат бидејќи тие ги плаќаа оние скапи милионски хонорари за тие таканаречени обвинители. Тоа се плаќаше од народните пари, а резултатот знаете каков беше – заврши со една Луј Витон торба полна со банкноти од странска валута“, изјави Мицкоски.
Премиерот отвори и прашања за судските процеси поврзани со настаните од 27 април.
„Мора да се знае вистината како беа судени десетици луѓе за тероризам и на кој начин функционираа заштитените сведоци во случајот поврзан со 27-ми април. Дали постојат таканаречени заштитени сведоци коишто под присила давале искази? Тоа мора да го знае македонската јавност ако сакаме да одиме напред“, изјави Мицкоски.
Тој посочи дека во обвинителството постојат бројни предмети кои, според него, не биле процесуирани.
„Сите оние поднесоци од институциите, заедно со Државниот завод за ревизија, коишто се во обвинителството, а коишто остатоците од СЈО и претходната гарнитура ги држеа во фиока, треба да се разгледаат и да се процесуираат“, изјави Мицкоски.
Во својата изјава, премиерот спомена и други случаи за кои очекува одговори.
„Како модуларната болница се случи? Зошто се случи? Како се случија многу случаи во делот на енергетиката, во делот на јагленот? Дали постојат фирми коишто спонзорирале одредени политичари? Сето тоа е документирано и поднесено во обвинителството“, изјави Мицкоски.
Тој нагласи дека Владата не правела јавен притисок, но очекува институционална реакција.
„Тоа што не сме правеле естрада од сето ова е друга работа, но факт е дека сето тоа е таму и очекуваме од новиот јавен обвинител и неговиот тим да се позанимава“, изјави Мицкоски.
Премиерот предупреди дека без расчистување на овие случаи нема напредок.
„Ако со ова не се позанимаваме и со уште многу вакви случаи, стотици, ние не можеме како држава да одиме напред“, изјави Мицкоски.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата