Во изминатите три дена на маргините на Минхенската конференција за безбедност министерот за надворешни работи и надворешна трговија на Република Македонија Тимчо Муцунски имаше средби со високи претставници од различни земји и меѓународни институции.
Тој оствари средби со министерката за надворешни работи на Косово Доника Гервала-Шварц, со секретарот за надворешни работи на Филипините Енрике Манало и со министерот за надворешни работи на Азербејџан Џејхун Бајрамов.
Муцунски оствари кратка средба со Ричард Гренел, специјалниот пратеник за посебни мисии на претседателот на Соединетите Американски Држави Доналд Трамп.
Шефот на македонската дипломатија имаше кратки средби и со министерот за надворешни работи и европски прашања на Малта Јан Борг, министерот делегиран за европски прашања во француската влада Бенжамен Адад, министерот за надворешни работи на Албанија Игли Хасани, како и со пратеничката во Европскиот парламент, Лидија Переира.
Во средиштето на разговорите беа регионалните политички и безбедносни прашања.
Беше нагласена важноста Европската Унија да ја поддржи евроинтеграцијата на Македонија.
Министерот Муцунски нагласи дека евроинтегративниот процес е клучна алатка за преобразба на општеството и оти е неопходно институциите доследно да ги користат постојните механизми за продлабочување на соработката во различни области од заемен интерес.
Заеднички беше констатирано дека геополитичките околности значително се променети на глобално ниво.
Покрај политичките, исто така и трговско-економските прашања стануваат сè поважен аспект, кој налага брзо приспособување на политиките и засилена меѓународна координација.
Соговорниците се согласија дека одржливоста на светскиот мир и безбедноста остануваат врвен приоритет за секоја влада, а продолжувањето на дијалогот и партнерската соработка се клучни за зајакнување на стабилноста и просперитетот на регионот и пошироко.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата