Барањата на Бугарија не се нови, туку се истите од 2022 година против кои уште тогаш јасно се спротивставивме, изјави премиерот Христијан Мицкоски. Одговарајќи на новинарски прашања, тој истакна дека биле потребни четири години за овие барања да ги слушнат цела Европа и светот, но и македонските граѓани кои, според него, биле жртви на манипулативната политика на поединци.
„Не се тоа нови барања, тоа се барања од самиот почеток, од 2022 година. Ова се барања кои ние ги видовме уште во 2022 година и затоа рековме дека сме против. Само што чекавме четири години за тие барања да ги слушне цела Европа и светот, но и оние граѓани кои беа жртви на манипулативната политика на поединци. Ова се истите барања. Односно, да бидам попрецизен – работата на историската комисија не е формална, таа е суштинска. Да речеме, немаме исто гледање на идентитетските прашања. За нас, Гоце Делчев е идентитетот македонски, за нив не е, за нив е дел од бугарскиот идентитет. За нас, Илинденското востание е дел од македонскиот идентитет, за нив не е. Тоа е Преображенско востание. Тоа се суштински прашања, кои, за жал, се присутни уште од 2022 година“, изјави Мицкоски одговарајќи на новинарски прашања.
Не е само промена на Уставот, додаде премиерот, ќе следува и Акцискиот план, работата на историската комисија и Протоколот 2, каде што работата на историската комисија е само едно од барањата.
На прашањето дали и покрај ставот на Бугарија е сè уште оптимист дека предлогот на германскиот канцелар Фридрих Мерц и францускиот претседател Емануел Макрон за постепена забрзана интеграција на Западен Балкан во Европската Унија ги надминува овие прашања за земјава, премиерот рече:
„Јас сум сè уште оптимист кога станува збор за разговорот што го имав со Мерц и Макрон затоа што тоа што го разговаравме на тој состанок е сосема различно од вчерашниот состанок. Така што, ние мораме да бидеме оптимисти и да работиме, истовремено да ги штитиме македонските национални интереси, да не влегуваме во авантура, да не бидеме очајници и давеници како што тоа го правеше претходната влада, која за жал е последниот браник на она што беше прифатено во 2022 година.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата