Грчките судски власти донесоа одлука за екстрадиција на 34-годишен граѓанин на Северна Македонија во Германија, каде се бара за сериозни кривични дела – грабеж и убиство на 81-годишен маж.
Осомничениот беше приведен во мај оваа година на граничниот премин Евзони, за време на рутинска контрола, при што било утврдено дека против него е распишана европска потерница.
Според информациите од германското обвинителство, инцидентот се случил во февруари во мало место во покраината Хесен. Осомничениот, заедно со сограѓани, патувал службено во Германија и престојувал во изнајмени простории кај жртвата. По истрагата на германските надлежни органи, сторителите го врзале 81-годишниот маж и му ја затвориле устата, при што земале пари од неговиот дом. Смртта на жртвата, според надлежните, била последица на задушување.
Во постапката пред Апелациониот совет, 34-годишниот од Северна Македонија се спротивставил на екстрадицијата, наведувајќи дека на семејството од Велес ќе му биде полесно да го посетува доколку ја издржува казната во Грција. Сепак, судот не ги прифати неговите аргументи и ја одобри екстрадицијата во Германија.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата