logo
logo
logo

НЕМА ЗАШТИТА ЗА НИКОГО: Тошковски потврди дека и поранешни и сегашни функционери се под лупа на МВР

Vecer | 15.05.2026

НЕМА ЗАШТИТА ЗА НИКОГО: Тошковски потврди дека и поранешни и сегашни функционери се под лупа на МВР

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски вечерва истакна дека лично верува оти премиерот Христијан Мицкоски никогаш не би влегувал во какви било незаконски комуникации или пак би влијаел врз некој обвинител за да постапува на одреден начин.

Тошковски ова го истакна во „Само интервју“ на Канал 5 на прашањето за телефонскиот разговор на Мицкоски со јавниот обвинител Ненад Савески за случајот „Мазут“, за што опозициската СДСМ обвини дека „премиерот и обвинителот се договарале по телефон за предмети и тек на истрага.

Лично познавајќи го премиерот, сигурен сум дека никогаш не би влегол во рамки на одредени комуникации кои би биле незаконски, а камоли, пак, во насока да влијае на кој било обвинител, конкретно дали треба да постапува вака, така или не знам како. Никогаш тоа не би го сторил нашиот премиер. Така што, не верувам дека е направена каква било конкретна неправилност при која било дејност што ја презел во насока на комуникација со јавниот обвинител. Претпоставувам дека сакал да добие изворна информација за она што ја шокираше целокупната македонска јавност, како прв човек на Владата, претставник на македонските граѓани, навистина не гледам ништо спорно во тоа – рече Тошковски.

Тој додаде дека има механизми во системот, доколку се увиди дека има некакво нарушување на принципите на работа во Обвинителството, давајќи го примерот на поранешниот обвинител Љубомир Јовески со супензијата на поранешната шефица на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, Вилма Рускоска.

 Ќе видиме како ќе се развива таа работа – нагласи Тошковски.

Тој истакна дека во државата нема заштитени и недопирливи, без разлика од каде доаѓаат, од власта или опозицијата.

Дури и кога станувало збор за структури, да речеме, и луѓе кои се блиски до владејачката гарнитура. Напротив, мислам дека премиерот сака да покаже пример дека конечно времето на селективност, неказнивост и прогледување низ прсти на своите е завршено. И мислам дека со сите оние постапки што ги спроведовме во изминатиот период, токму тоа и го покажавме. Без оглед дали некој е близок функционер, без оглед дали е некој во рамки на одредена организациска единица блиска до некого, без оглед дали е директор кој доаѓа од редовите на владејачката коалиција или, пак, менаџер на одредена институција, мислам дека покажавме апсолутна неселективност. Нема заштитени. Не од страна на работењето на Министерството за внатрешни работи. Заради тоа и анкетите на граѓаните, кои ја оценуваат борбата против корупцијата кога говориме за Министерството за внатрешни работи, се многу поразлични отколку кога говориме, на пример, за Јавното обвинителство – рече Тошковски.

На прашањето за повикувањето на поранешниот министер за земјоделство Љупчо Николовски и уште две лица на службен разговор во СВР Скопје, по кривична пријава од Министерството за земјоделство за злоупотреба на службената положба, Тошковски истакна дека не сака да навлегува во детали за случаи кои се во предистрага.

 Не би сакал, како и во сите останати предмети, особено во рамки на предистрага, да навлегувам во детали за случаите. Да им оставиме на институциите да си ја сработат работата. Но, не би се согласил дека исклучиво само функционери од претходната власт се предмет на кривичен прогон. Особено не оние што ги рекетираат македонските граѓани. И како што покажавме во изминатиот период, и постојни судии, и директори на здравствени институции, на земјоделски институции, на какви било институции во државата, може да бидат предмет на кривичен прогон, особено, пак ќе повторам, доколку рекетираат во име на македонските граѓани – рече тој

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk