logo
logo
logo

Русјаков

Јас го разбирам светот како фудбалски натпревар на кој вообичаено сакам да се степам со публиката

Vecer | 04.07.2026

Јас го разбирам светот како фудбалски натпревар на кој вообичаено сакам да се степам со публиката

Романот е завршен. Чувството на задоволство носи и олеснување. Секоја приказна мора да замине за да им ослободи простор на оние, сè уште ненапишаните. Така е тоа вообичаено кај мене.

Оваа последнава, со која завчера се разделив, ставајќи го зборот КРАЈ, откако завршив со раскажување, мора да признаам, намерно ја одолговлекував пишувајќи ја одвреме-навреме, речиси цели две години, бидејќи, на некој чуден начин, како постојано да бараше надополнување. Во меѓувреме пишував и други дела, издадов збирка научнофантастични раскази, ама на приказната што полека стануваше роман, постојано ѝ се навраќав и за првпат, како да не сакав да завршам со нејзиното постоење во мене. Оти кога ќе ѝ ја испратам на уредничката, значи сум завршил со конкретното сонување. Остануваат само техникалиите.

Завршниот процес на создавање, кај мене обично трае од десет до петнаесет дена и во тој период сосема се исклучувам од стварноста, оти не знам дали знаете, ама секојдневието толку често и многу силно ѝ врши булинг на креативноста. Затоа стварноста мора да биде кратко време ставена во мирување. Така беше и сега.

Оставив простор единствено за најважната споредна работа на светот – фудбалот. Не само затоа што јас уживам во гледање на играта. Фудбалот игра многу важна улога во мојата нова приказна. Насловот на романот, кој во септември ќе го почне својот нов живот пред читателската публика, гласи „Милан – Ливерпул 3:3“ и за оние што не знаат, станува збор за култно финале од Лигата на шампионите, кое се одржа во Истанбул, 2005 година, и ако ме прашате за што се работи, ќе ви одговорам едноставно – ова е приказна за љубовта. Дури и ќе се обидам да ве заинтересирам кажувајќи ви дека на центарот од теренот се двата главни лика, татко и ќерка, тој вдовец, таа созрева – и двајцата го загубиле она што го обожавале – сопруга и мајка, ама топката мора да продолжи да се тркала.

Веројатно се прашувате, зошто сега ви досаѓам на оваа тема во колумната? Себепромоција? Мене тоа навистина не ми е потребно. Ви пишувам за мојот следен роман, затоа што откако ќе заврши овој пасус, пред вас ќе ставам кус дел од приказната. Од две причини.

Прво, како што веќе напоменав, последниве десетина дена ја ставив „на игнор“ стварноста. Со неа во мислите и во срцето не можам да ѝ се дадам сиот на креативноста, па така, не сум детално упатен во сè она што ја окупирало јавноста. Сега ќе си помислите, а-ха, нема со што да пополни редови во колумната. Легитимно.

Но има и нешто друго, она второто. Утрово, пред да почнам да го пишувам ова што го читате, сепак направив кратка екскурзија низ агрегатите за вести и социјалните мрежи и мора да ви признаам, она што ќе го споделам со вас од книгата, на еден чуден начин има врска со преокупациите на јавноста, оти видов, се зборува за фудбал, за умирачка, се поставуваат прашања за родителството и воспитување на децата, па оттука, ова што сега ќе го прочитате, напишано пред речиси година и половина, и те како, на мој начин, има врска со стварноста. Одиме!

Јас го разбирам светот како поле за културен натпревар меѓу народите. Зборови на македонскиот револуционер, Гоце Делчев. Го предадоа неговите Македонци за да биде убиен. Толку од културните натпревари.

Јас го разбирам светот како фудбалски натпревар на кој вообичаено сакам да се степам со публиката. Не сум хулиган, публиката е виновна. Не можеш едноставно да седнеш на трибината од твоето битисување, само незаинтересирано да грицкаш семки и да оставиш животот да мине како некое ветре што не си го забележал. Од раѓање сите те убедуваат дека мора да бидеш буден, долу на теренот. А животот трае 90 минути. Во него има две полувремиња. Во првото се бориш да созрееш. Да го разбереш светот. Да му ја откриеш смислата. Во второто полувреме ја имаш смислата в нозе и појма немаш што да правиш со неа. Најчесто се дриблаш самиот себе. Си го разбрал светот и разбраното воопшто не ти се допаѓа.

Затоа почнуваш да се каеш што си брзал да созрееш. Оти од зрело до скапано не е долг патот. Ама трчаш низ животот. Уште од дете ќе те научат дека времето е пари. Одвреме-навреме застануваш да плукнеш и да си го исекнеш носот. И никогаш не си сигурен дали заедно со мрсулите ќе ти излета душата. Оние што трчаат со тебе, сакаат да те сопнат. Некои инсистираат да ти ги скршат нозете. Публиката вообичаено те пцуе. А сите ти зборуваат за ферплеј. Иако моќта најчесто го мести мечот. Таков е животот.

Фудбалот е далеку поинтересен за гледање. Мојата ќерка наскоро физички ќе се раздели од мене за самостојно да ја живее својата приказна, иако таа точно знае дека јас сум тука секогаш за неа. Но,тоа е суштината. Дете да се одвои од родител.

А додека не се случи тоа, родителите мора да дадат сè од себе – љубов на прво место, а по неа, разбирање, дисциплина, поддршка и воспитување – за да го научат своето дете на мудрост, која, пак, се состои од врвни квалитети наречени: скромност, трпеливост, мир и среде невреме, сомилост кон другите, ама и морал, креативност, праведност и способност да разликува добро од зло, бидејќи животот е како фудбалски натпревар – победите се за да им се радуваш, од поразите мора да излезеш подобар, затоа што тие се тука за од нив нешто да се научи, исто како и од болката, исто како и од страдањата, за на крајот да го кренеш пехарот – триумф дека си живеел како човечко битие, живеејќи го својот живот со чисти ум и срце и со полна плуќа добрина, а не фалсификат каков што многу често луѓето живеат – обидувајќи се да бидат тоа што не се, сакајќи за себе да го приграбат тоа што не го заслужиле. Марадона вели: „На мојата клиника, го имате оној што мисли дека е Наполеон, друг кој верува дека е Робинзон Крусо, а мене не ми веруваат кога ќе кажам дека сум Марадона“.

Крај на извадокот од романот „Милан – Ливерпул 3:3“. Завршив со таа приказна. Ова лето започнувам со „Џез будење за крајот на светот“, предизвик во кој уживам со сета своја возбуда. А следниот петок колумна нема да има. Од 8 до 15 јули сум на филмскиот фестивал за медитерански и балкански филм „Преку езерото“, кој петта година по ред се одржува во Дојран, овој пат и во Гевгелија и Струмица, а јас на него сум дел од работилницата за развој на сценарија. Се читаме за две недели отсега.

Александар Русјаков

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk