Има забрзување на процесот на реформите споредено со извештајот за напредокот од минатата година и искрено се надевам дека годинашниов извештај ќе може да покаже дека е направен напредок и дека ќе има резултати, изјави евроамбасадорот Михалис Рокас при посетата на Крушево, одговарајќи на новинароско прашање за тоа каков е извештајот за Македонија за напредокот во реформите.
Според Рокас, во тек е подготовката на Извештајот на Европската комисија, кој треба да се финализира во септември, а до крајот на јуни е рокот за чекорите и мерките што треба да ги спроведат Владата и министерствата.
– Тоа што може да се нотира во извештајот е дека многу макотрпна работа е направена досега. Јас сум убеден дека ова ќе биде извештај кој ќе покаже напредок, кога ќе се спореди со минатиот извештај. Но, она што е поважно е реформската агенда. Европската Унија има блиска соработка со Владата и со министерствата, со цел да може да се направи напредок во неколку сфери. Што се однесува на некои чекори или мерки кои требаше досега да бидат спроведени од Владата и од министерствата, нивниот рок истекува кон крајот на јуни. Меѓутоа, генерално, кога ќе се спореди со извештајот од минатата година, може да нотираме дека има забрзување на процесот на реформите, така што јас искрено се надевам дека годинашниов извештај ќе може да покаже дека е направен напредок и дека ќе има и резултати – изјави амабасадорот на ЕУ во Македонија, Михалис Рокас.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата