logo
logo
logo

Влијаел врз судии од гостиварските судови - ПРЕТСЕДАТЕЛ НА СУД ЗЕЛ 8.000 ЕВРА МИТО

Vecer | 14.05.2026

Влијаел врз судии од гостиварските судови - ПРЕТСЕДАТЕЛ НА СУД ЗЕЛ 8.000 ЕВРА МИТО

Претседател на суд зел 8.000 евра мито за да влијае врз судска постапка, соопшти Јавното обвинителство. Против него и против судски администратор е отворена истрага и се побарани мерки за обезбедување.

„Предметен јавен обвинител од ОЈО за гонење организиран кримина и коруција денеска донесе Наредба за спроведување на истражна постапка против две лица кои како соизвршители сториле кривично дело Примање награда за противзаконито влијание. Осомничените во периодот од јануари 2023 година до 2025 година, заедно, со умисла, искористувајќи ја својата службена положба, реално и претпоставено влијание како претседател на суд и како судски администратор, барале и примиле парична награда во износ од 8.000 евра, а второосомничениот и износ од 800 евра, со цел да интервенираат кај судија на Основниот суд Гостивар и совет на судии во Апелациониот суд Гостивар за извршување службено дејствие што не би смеело да се изврши“, соопшти Јавното обвинителство.

На почетокот на 2023 година, додава ЈО, осомничените му ветиле на лице кое било странка во постапка во граѓански спор дека ќе му помогнат.

„За надомест од 5.000 евра тие требало да интервенираат кај судија во Основниот суд Гостивар да донесе решение за повторување на постапката за која била донесена одбивателна пресуда. Откако не успеале, повторно, по барање на дополнителни парични средства во износ од 3.000 евра требало да интервенираат кај судии во втор степен за укинување на решението со кое не било дозволено повторување на постапката. Подоцна износ од 800 евра како награда му бил даден на второосомничениот со цел да заврши работа во врска со  доставениот писмен документ од извршител“, се вели во соопштението на ЈО.

Обвинителот до судија на претходна постапка достави предлог за определување на мерки на претпазливост и за двајцата осомничени и тоа забрана за напуштање на живеалиштето, односно престојувалиштето, обврска да се јавуваат повремено на определено службено лице или кај надлежен државен орган, привремено одземање на патна или друга исправа за преминување на државната граница, односно забрана за нејзино издавање и забрана за преземање на определени работни активности кои се поврзани со кривичното дело.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk