ВМРО-ДПМНЕ преку соопштение обвини дека СДС и Левица заеднички го блокираат донесувањето на новиот Изборен законик, оценувајќи дека двете партии дејствуваат координирано и спротивно на интересите на државата.
Од партијата тврдат дека предлог-законот ги содржи забелешките на ОБСЕ и ОДИХР, како и предлозите што со месеци биле усогласувани во рамки на работната група со учество на политичките партии.
Според ВМРО-ДПМНЕ, СДС се спротивставува на нивниот предлог македонската дијаспора да може да гласа по електронски пат или по пошта. Од партијата сметаат дека причината за тоа е страв од изборен пораз и од гласачите кои ја напуштиле државата за време на претходното владеење на СДС.
Во соопштението се наведува и дека Левица, иако нејзините предлози поврзани со финансирањето на изборните кампањи биле прифатени, не го поддржува договорот што, како што велат од ВМРО-ДПМНЕ, бил подготвуван со месеци во рамки на работната група.
Од ВМРО-ДПМНЕ оценуваат дека со ваквата блокада не се нанесува штета само на дијаспората, туку се доведува во прашање и исполнувањето на реформските обврски на државата. Притоа потсетуваат дека Европската Унија повикала на политички консензус и навремено донесување на Изборниот законик.
Партијата во соопштението упатува критики и за рејтингот на СДС и Левица, оценувајќи дека тоа влијае врз нивното политичко однесување.
На крајот, ВМРО-ДПМНЕ повторува дека останува на ставот оти Изборниот законик треба да биде донесен со широк политички консензус, во интерес на државата, реформите и обезбедување можност македонската дијаспора по електронски пат да го оствари своето право на глас.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата