logo
logo
logo

Николоски: Стратешкото партнерство со САД носи просперитет и безбедност

Vecer | 11.03.2026

Николоски: Стратешкото партнерство со САД носи просперитет и безбедност

Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски на работни средби во Стејт Департментот разговараше за стратешкото партнерство помеѓу Македонија и САД, со посебен акцент на политичките и економски врски, соопшти Министерството за транспорт.

На средбата со Даниел Лоутон, заменик помошник државен секретар задолжен за Европа, беше потенцирано силното партнерство меѓу двете земји, засновано на меѓусебна поддршка и заедничка посветеност кон демократските вредности и создавање на подобри перспективи за економска и трговска соработка.

– САД се стратешки партнер број еден на Македонија, држава којашто најмногу ја поддржува Македонија и зборувавме за заедничката економска и политичка соработка. Со заменик помошникот државен секретар Лоутон разговаравме и за соработката во НАТО во овие предизвикувачки времиња, како и за заедничките операции што ги водиме. Зборувавме за економската соработка, пред сè во делот на енергетската транзиција и за изградбата на пан-европските коридори 8 и 10 кои поминуваат низ Македонија и се од витално значајни за економијата и безбедноста на нашата држава – изјави вицепремиерот Николоски по средбите во Стејт департментот.

Зборувавме, додаде тој, и за продлабочување на соработката и очекуваме повторно да се активира стратешкиот дијалог, каде ќе разговараме за заедничките предизвици што ги имаат двете држави.

– Тука е и трговскиот договор што треба да овозможи многу повеќе бизнис, многу повеќе трговија помеѓу двете држави и секако, стратешкото партнерство, кое што треба да значи просперитет, напредок, безбедност и прозападни вредности на Македонија – рече Николоски.

Работната посета на Вашингтон, вицепремиерот Николоски ја продолжува со обраќање на глобалниот настан „Transforming Transportation 2026“.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk