Вкупниот број на активни претплатници во мобилна телефонија заклучно со третиот квартал 2024 година достигна 2.095.819 и бележи раст за 9,7 проценти во однос на претходниот квартал, а за 1,05 проценти споредено со третиот квартал минатата година.
Според објавениот Извештај за развој на пазарот на електронски комуникации во третиот квартал 2024 година, пристап до интернет со широк и тесен опсег преку мобилни мрежи (2G/3G/4G) имаат 1.732.063 претплатници, а пристап до интернет со широк опсег 544 937.
Порастот на квартално ниво кај претплатниците со мобилен интернет изнесува 11,75 проценти, а на годишно ниво 2,3 проценти.
Евидентирано е намалување на бројот на испратени СМС пораки во однос на вториот квартал од 2024 година од 24,19 проценти.
Пад од 9,79 проценти АЕК регистрира кај вкупниот број на реализирани повици во мобилни комуникациски мрежи во однос на претходниот квартал и од 6,95 проценти во однос на третиот квартал од 2023 година.
Според просечниот обем на појдовен сообраќај (во минути месечно) по претплатник инициран од јавна мобилна комуникациска мрежа, во третиот квартал од 2024 година претплатниците во мобилната телефонија просечно зборуваат 174,67 минути. Споредено со вториот квартал од 2024 година може да се забележи намалување на волуменот на сообраќај кон сите дестинации.
Податоците за уделот на мобилните оператори на пазарот на мобилна телефонија по број на активни претплатници заклучно со 30 септември лани покажува дека А1 Македонија учествува со 47,71 процент, Македонски Телеком со 46,66 проценти, Лајкамобајл има пазарен удел од 3,12 проценти, Телекабел од 1,20 проценти, МТЕЛ од 1,21 процент.
Вкупен број на фиксни линии (сите технологии) во третиот квартал лани изнесува 454.160 и во однос на истиот квартал лани е зголемен за 1,9 проценти.
Целокупниот обем на сообраќај во третиот квартал од 2024 година во однос на истиот квартал од претходната година бележи пад од 21,15 проценти, додека во однос на вториот квартал од 2024 година бележи пад од 7,03 проценти. Претплатниците просечно иницирале 5,13 повици месечно.
Во третиот квартал лани регистрирани се 437 684 претплатници на ТВ услуги.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата