Оперативниот директор на телевизијата „Алсат“, Лирим Хајредини, утрово е пронајден починат во близина на трговскиот центар „Мавровка“ во Скопје. Местото е обезбедено од полицијата, а телото ќе биде предадено на обдукција за да се утврдат околностите и причината за смртта.
Првичната информација ја објави порталот 4News. Засега, сепак, нема официјална потврда од надлежните институции за причината за смртта, поради што се очекуваат резултатите од истрагата и обдукцијата.
Хајредини повеќе од 16 години беше оперативен директор на националната телевизија „Алсат“. Во медиумскиот сектор беше познат како долгогодишен менаџер со искуство во телевизиска продукција, маркетинг и деловно управување.
Пред ангажманот во „Алсат“, Хајредини работел и во Македонскиот центар за меѓународна соработка, а неговото име со години се појавува и во анализи и истражувања за медиумскиот пазар во Македонија како оперативен директор на телевизијата.
Повеќе детали за случајот се очекуваат по официјалното соопштение на полицијата и завршувањето на предвидените постапки.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата