logo
logo
logo

Најмногу тужби во јавното здравство има кај што е најниска продуктивноста

Бараат повеќе од 2 милиони евра за дежурства и за бонуси - 1.800 ЗДРАВСТВЕНИ РАБОТНИЦИ ЈА ТУЖАТ ДРЖАВАТА

Vecer | 21.05.2026

Бараат повеќе од 2 милиони евра за дежурства и за бонуси - 1.800 ЗДРАВСТВЕНИ РАБОТНИЦИ ЈА ТУЖАТ ДРЖАВАТА

Повеќе од 1.800 вработени во јавното здравство поднеле тужби против здравствените установи во кои работат, а вкупната вредност на побарувањата достигнала околу 2,18 милиони евра. Според информациите презентирани на денешниот брифинг во Фондот за здравство, тужби се поднесени во 62 од вкупно 108 јавни здравствени установи во државата.

Директорот на ФЗО, Сашо Клековски, изјави дека најголем дел од тужбите се поврзани со неисплатени додатоци на плата – за прекувремена работа, ноќни смени, работа за викенди и празници, бонус плати и јубилејни награди.

– Тужбите претежно произлегуваат од проблеми во примената на Законот за работните односи и колективните договори. Реалниот финансиски товар врз јавното здравство може да биде значително повисок, бидејќи голем дел од постапките сè уште не се завршени – рече Клековски.

Највисок износ на тужбени барања има Клиничката болница – Битолаa со 16,8 милиони денари, додека болницата во Куманово има најмногу тужители – дури 317 вработени.

Од ФЗО предупредуваат дека бројот на тужби може дополнително да расте. Како пример беше посочен Јавниот центар Кратово, каде се најавени уште околу 65 нови тужби во текот на 2026 година, со побарувања од над 3,5 милиони денари.

Фондот денеска ја презентираше и анализата за платите во јавното здравство, која опфаќа 18.872 вработени во 12 типа здравствени установи за декември 2025 година. Според податоците, просечната вкупна нето-плата во јавното здравство изнесувала 50.039 денари, додека просечната основна плата била 37.660 денари.

Најголем удел на додатоци во платите имале установите што работат во непрекинат 24-часовен режим.

– Универзитетската клиника за државна кардиохирургија има 40,66 проценти удел на додатоци, Клиничка болница Штип 37,83 проценти, а Институтот за радиологија 37,67 проценти. Од друга страна, превентивните установи и поликлиниките имаат многу помал удел бидејќи работат без дежурства – посочи Клековски.

Тој откри дека Министерството за здравство веќе формирало работна група заедно со ФЗО и синдикатите, со цел да се расчистат нејаснотиите околу исплатата на додатоците и да се намали бројот на судски спорови.

– Наш став е дека сè што им следува на вработените треба да биде исплатено, но не смеат да се оставаат сиви зони за неетичко постапување – нагласи директорот на ФЗО.

Меѓу препораките што беа посочени се побрза исплата на правосилните пресуди за да не растат каматите, централен регистар за следење на судските предмети и зајакнување на правните служби во болниците каде има најмногу тужби.

На брифингот беше отворено и прашањето за недостигот на медицински кадар. Клековски призна дека најкритична е состојбата со анестезиолозите, кои, како што рече, „речиси ги нема“ во дел од јавните здравствени установи.

Воедно, тој информираше дека со одлука на Владата добил четиригодишен мандат како директор на ФЗО, додека за заменик-директор е назначен Седат Бислими.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk