До 7 октомври се отворени јавните повици на Министерството за образование и наука за ангажирање ромски образовни медијатори за поддршка на образованието на Роми од социјално загрозени семејства и/или кои се подолго време надвор од образовниот систем.
Повиците се наменети за 50 медијатори во основните и за 35 во средните училишта за поддршка на учениците Роми во учебната 2026/2027 година.
Улогата на образовниот медијатор е да помогне и презема активности за подобрување на информираноста за можностите и пристапот до училиштата, спроведува редовни средби за сензибилизација на населението и вработените во училиштето со спецификите и потребите на ранливите групи во делот на образованието, редовно соработува со стручните соработници и наставниците за подобрување на постигањата на учениците, презема активности за намалување на напуштањето на воспитно-образовниот процес на учениците.
МОН во тековната учебна година привремено ќе ангажира 50 образовни медијатори за поддршка на основци Роми во општините: Шуто Оризари, Карпош, Ѓорче Петров, Чаир, Центар, Кисела Вода, Аеродром, Гази Баба, Бутел, Тетово, Гостивар, Кичево, Дебар, Битола, Прилеп, Куманово, Штип, Кочани, Виница, Делчево, Берово, Велес/Градско, Кавадарци, Крива Паланка, Охрид, Неготино, Илинден и Радовиш.
Привремено ќе бидат ангажирани и 35 образовни медијатори во средните училишта во: Скопје, Тетово, Гостивар, Кичево, Дебар, Битола, Прилеп, Куманово, Штип, Кочани, Виница, Делчево, Берово, Охрид, Струга, Велес, Неготино и Кавадарци.
Кандидатите треба да се невработени или вработени со скратено работно време; да се државјани на Република Северна Македонија и да се припадници на ромската етничка заедница.
За ангажманот тие ќе добиваат хонорар со месечен износ од 20.000 за период од најмногу два месеца во текот на 2026 година и осум месеци во текот на 2027 година.
Во објавените повици на МОН се наведени задачите и обврските што ќе ги имаат ромските образовни медијатори, критериумите што треба да ги исполнат кандидатите, како и информации за потребните документи и начинот на аплицирање.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата