Владата денеска го усвои Предлог-законот за заштита од употреба на производи од тутун или сродни производи, соопшти Министерството за здравство.
- Ова е важен чекор за јавното здравје и за создавање поздрав, побезбеден и поодговорен јавен простор. Законот е резултат на широк институционален процес, разговори со засегнатите страни, консултации со тутунската индустрија, угостителскиот сектор, надлежните институции, инспекциските органи, експертската јавност и поддршка од Светската здравствена организација, се наведуваат од МЗ во објавата на Фејсбук.
Премиерот Христијан Мицкоски на завршниот состанок со претставниците од тутунската индустрија и угостителскиот сектор пред неколку дена, изјави дека очекува Предлог-законот за заштита од употреба на производи од тутун или сродни производи, по усвојувањето од страна на Владата, во најбрз можен рок да помине и во Собранието. Како што најави, законот ќе стапи во сила веднаш, освен одредбата согласно која угостителите треба да ги преадаптираат и пренаменат своите локали. За оваа одредба се предвидени 12 месеци грејс период.
Мицкоски нагласи дека предложениот текст е компромисно решение, изготвено низ инклузивен процес, со консултации на сите засегнати страни - здруженијата, производителите, дистрибутерите, хотелиерите, луѓето кои имаат свои ресторани, ноќни клубови...
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата