logo
logo
logo

АПСЕЊА НА ЛЕКАРИ И “ЕСТЕТИЧАРИ“ за лажни и шверцувани ботокси и филери

Vecer | 23.04.2026

АПСЕЊА НА ЛЕКАРИ И “ЕСТЕТИЧАРИ“ за лажни и шверцувани ботокси и филери

Полицијата попладнево спроведува нова координирана акција насочена кон разбивање на нелегални мрежи кои, според неофицијални информации, профитирале на штета на здравјето на граѓаните.

Неофицијално, Одделот за организиран криминал при Бирото за јавна безбедност при МВР врши претреси на повеќе локации низ државата и приведува повеќе лица, меѓу кои организатори, посредници, а според првичните сознанија можно е да приведува и лекари и други службени лица инволвирани во организирана криминална група.

Сомневањата се дека групата била поврзана со нелегален увоз и дистрибуција на фалсификувани ботокси, филери и други медицински препарати, кои биле внесувани во Македонија преку нелегални канали од повеќе држави, меѓу кои Кина, Турција и од Србија. Производите, кои потоа биле пласирани на пазарот, немале соодветна контрола, дозволи, ниту регистрација.

Акцијата опфаќа лекари и лица од повеќе здравствени установи. Како што дознава “Скопје1”, станува збор за Наташа К. и Арбен К., дерматолози кои работат во ГОБ „8 Септември“, Дејан Ф. од Клиниката за дерматологија, Магдалена И. – докторка во ГОБ „8 Септември“, како и Андреа Т. од приватен естетски центар.

Според нашите информации, во тек се претреси на повеќе локации, меѓудругото, и домови на лицата опфатени во предметот.

По завршување на дејствијата, надлежен јавен обвинител ќе одлучува дали ќе бидат побарани мерки од судот.

Од институциите засега нема официјална потврда за акцијата, ниту детали за евентуалните кривични дела. објави Скопје1.мк

Овие препарати, кои често се користеле под превезот на естетски третмани, наместо подобрување на изгледот, можеле да предизвикаат сериозни здравствени последици – инфекции, деформитети, трајни оштетувања, па дури и ризик по животот на граѓаните.

Случајот отвора сериозни прашања за злоупотреба на довербата на пациентите и за опасностите од нерегулирани медицински интервенции.

Надлежните институции најавуваат дека борбата против ваквите криминални структури ќе продолжи со засилено темпо, со цел целосно расчистување на случајот и санкционирање на одговорните.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk