Ексградоначалникот на Кочани, Љупчо Папазов, осомничен за случајот со пожарот во „Пулс“ оди во куќен притвор. Одлуката е донесена по предлог на Обвинителството, а откако тој еден месец помина во ефективен притвор кој го издржуваше во кумановскиот затвор. Замената на мерката притвор доаѓа откако Обвинителството обезбедило докази и сослушало сведоци, па сметаат дека и со полесна мерка може да се исполни целта лицето да биде достапно за истражните органи. Мерка куќен пртивор доби и поранешниот директор на Државниот пазарен инспекторат, Горан Трајковски. Од зад решетки излезе и еден член на обезбедувањето.
„Од 19 осомничен, за 4-четири осомничени беше предложена мерка притвор која со решение на судијата на претходна постапка беше определена спрема истите, спрема осум од осомничените беше предложена мерка куќен притвор, истата судијата на претходна постапка беше определена спрема овие осум осомничени, додека спрема седум осомничени беа предложени мерки на претпазливост и истите со решение на претходна постапка се изречени спрема осомничените“, велат од Основен суд-Кочани.
Зад решетки и натаму останува ексминистерот за економија Крешник Бектеши, додека ексминистрите Ваљон Сарачини и Беким Незири се во куќен притвор. Претходно, куќни притвори беа одредени и за Ратко Димитриевски и Николчо Илијев, ексградоначалници на Кочани.
Досега осомничени се 47 физички лица и три правни лица. Истовремено, засебна постапка се води и против 47 полициски службеници. Според последните информации, во Обвинителството сам се пријавил полицискиот службеник кој беше достапен за органите на прогонот во текот на вчерашниот ден.
„Утринава се пријави и сега е пред судија на претходна постапка“, велат кусо од Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција, каде што е одделението за гонење на лица со полициски овластувања.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата