logo
logo
logo

Додека постојат Македонците, ЌЕ ПОСТОИ И МАКЕДОНСКИОТ ЈАЗИК

Vecer | 07.05.2025

Додека постојат Македонците, ЌЕ ПОСТОИ И МАКЕДОНСКИОТ ЈАЗИК

Кодификација на еден јазик значи преку државни институции и различни комисии да се одберат и да се утврдат писмото на кое ќе се пишува еден јазик, неговите правописни правила, граматиката и да се објават речници. За да се направи тоа, неопходно е да се има држава, што, за жал, Македонците не успеале да го направат претходно, но успеале во 1944 година, кога, со формирањето на современата македонска држава во рамките на СФРЈ, на Првото заседание на АСНОМ е донесена одлуката македонскиот јазик да биде службе, вели проф. д-р Симона Груевска-Маџоска од Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“, која е и претседателка на Советот за македонски јазик за Нова Македонија.

Таа додава дека потоа се назначила Комисија за утврдување на азбуката и правописот, што е сторено на 3 мај за азбуката, а објавена е на 5 мај, и за Правописот, предаден на 2 јуни, а со решение донесен на 7 јуни 1945 година.

Истата година Круме Кепески започнал да ја пишува првата граматика на македонскиот јазик, која е објавена на 21 јануари 1946 година. Со тоа се заокружи процесот на кодификацијата на македонскиот стандарден јазик, а понатаму се објавија и многу други значајни дела, како Граматиката и Историјата на македонскиот јазик на Блаже Конески, Синтаксата на македонскиот стандарден јазик на Лилјана Минова-Ѓуркова и многу други, истакна таа.

Таа смета дека македонскиот јазик нема да исчезне.

– За македонскиот јазик не е можно такво сценарио, зашто додека постојат Македонците, ќе постои и македонскиот јазик. Поголемо прашање е каков ќе биде македонскиот јазик во иднина, со оглед на непочитувањето на нормата, опаѓањето на нивото на неговата употреба во јавната комуникација и влијанието на англискиот јазик. Затоа грижата за македонскиот јазик треба да биде државна стратегија и да се обрне поголемо внимание на неговата употреба дома, но и на негова поголема афирмација во странство, изјави  проф. д-р Симона Груевска-Маџоска

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2025 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2025. Vecer.mk