logo
logo
logo

ДОБРИ ВЕСТИ ОД КОЧАНИ: Опаѓа бројот на пациенти со Ковид-19

Vecer | 15.09.2021

ДОБРИ ВЕСТИ ОД КОЧАНИ: Опаѓа бројот на пациенти со Ковид-19

Во последните два дена во Општата болница со проширена дејност во Кочани е регистрирано опаѓање на бројот на пациенти со Ковид-19 кои се лекуваат во болнички услови.

На ковид одделот, што е адаптиран во рамки на Одделението за интерни болести, сместени се седум лица и сите се со полесна клиничка слика, а само двајца добиваат кислородна поддршка.

-Во текот на денот отпусна листа добија 20 пациенти, со што бројот на хоспитализирани кај нас значително се намали. Со тоа се ослободија доволно болнички легла и подготвени сме за прием на нови пациенти, ако се јави потреба. Според последните податоци со кои располагаме, во Кочани се активни 103 случаи со Ковид-19, а во изминатите десетина дена забележано е благо опаѓање на дневно позитивни лица, истакна Александар Серафимов, директор на Општата болница со проширена дејност.

На пунктовите во болницата нормално и со задоволителен интензитет се одвива вакцинацијата на граѓаните, а на располагање се вакцините од производителите „Фајзер“, „Синовак“ и „АстраЗенека“.

-Во Кочани досега целосно вакцина примија околу 16 илјади граѓани, што е скоро најнизок одѕив во источниот регион и сè уште сме далеку од барем половина вакцинирани од вкупниот број на населението во општината. Последните денови е забележан помал обем на заинтересирани за вакцинација, додека ревакцинацијата се одвива нормално. Најголем дел од вакцинираните се лица од средна возраст и повозрасно население, додека интересот кај младите е нешто помал, додаде Серафимов.

Од Одделението за внатрешни работи во Кочани информираа дека на дневна основа се контролираат стотина лица со решение за самоизолација. Ретки се случаите на прекршување на мерката, а доколку ги има, полициските службеници постапуваат согласно законските прописи.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2024 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2024. Vecer.mk